Во периодот од 1 март до 9 април годинава надлежната грчка служба за азил отповика 1.203 бегалски статуси на државјани на Сирија, по темелна повторна проверка и во согласност со новиот закон, соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството посочија дека се забележува значителен напредок во управувањето со статусите на меѓународна заштита, a официјалните податоци „ја потврдуваат ефикасноста на политиката што се применува“.

– Оваа разврска го истакнува систематскиот напор за правилна примена на процедурите за меѓународна заштита. Во исто време, особено позитивни и мерливи резултати се регистрирани и во областа на доброволните враќања кон Сирија, потврдувајќи ја ефикасноста на спроведената политика и активната улога на Грција на европско ниво, соопштија од Министерството за миграција и азил.

Објаснија дека во рамките на проектот за „потпомогнати доброволни враќања и мерки за реинтеграција“, кофинансиран од Европската Унија, што се спроведува од Меѓународната организација за миграција во Грција, земјата бележи највисоки резултати меѓу земјите-членки на Европската Унија.

Поконкретно, од октомври 2025 година до денес, биле спроведени 89 доброволни враќања кон Сирија, што претставува околу 50 отсто од вкупниот број враќања реализирани од ЕУ, со оглед на тоа што на ниво на целата Унија биле спроведени вкупно 178 враќања.

Од Германија и Финска биле вратени по 24 сириски државјани, од Бугарија 22, од Белгија шест, а останатите 13 се од други земји на ЕУ.

 

Програмата за доброволни враќања, како што додадоа сè уште се наоѓа во рана фаза на имплементација, а Министерството за миграција и азил „продолжува доследно да спроведува сеопфатна и ефикасна политика, зајакнувајќи го кредибилитетот на системот за азил, како и позицијата на Грција како пример за управување со миграциските текови на европско ниво“.