Во Москва вчера е одржана литературната средба во рамки на отворениот проект „Читај ја Македонија!“, што Олга Панкина, поетеса и преведувач, претседател на невладината организација „Македонски културен центар“ во Москва успешно го реализира од 2014 година, запознавајќи ја руската читателска публика со творби како од класиците на македонската литература, така и од современите прозаици, поети и драматурзи.

Овој пат, соопшти денеска Панкина, главно внимание му било посветено на романсиерското творештво на македонските жени-писатели кое помалку им е познато на читателите. Олга Панкина врз примерите од книгите што ги има преведено на руски ги запознала присутните со афирмацијата и развојот на женското писмо во Македонија.

– Тргна од писателките кои ги положија неговите темели, какошто за пример Драгица Најческа, автор на еден од првите македонски романи напишани од жена, продолжи со романите на Оливера Николова, Тања Урошевиќ, Лилјана Пандева, Оливера Јовановска – се до помладите автори какошто Ксениjа Николова. Нејзините романи „Незадоволна“ и „Емотивен манипулатор“ каде станува збор за современи амбициозни жени кои бараат свое достојно место во животот ги објавија реномираните издавачки куќи „Ексмо“ (2023) и „У Никитских ворот“ (2024), се наведува во соопштението.

Артистите на театарот „Город“ прочитале извадоци од низа романи, што предизвикало големо одушевување и восхит кај публиката. На крајот, се додава во соопштението, на сите заинтересирани Олга Панкина им подарила книги од македонските автори.

Фото: Олга Панкина