На Македонија не и се потребни никакви заеднички чествувања на дауми и личности од македонската историја со Бугарија и чествувањата треба да бидат онака како што беа пред потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Софија, вели проф. д-р Тодор Чепреганов во анализата во Нова Македонија.
– Договорот за пријателство и соработка со Бугарија е клучниот создавач на сите проблеми во односите меѓу двете земји, кои се на најниско ниво во последните 80 години. Тие односи ќе продолжат уште повеќе да се влошуваат, ако бугарската страна продолжи со агресивната експанзионистичка политика, сметаат соговорниците во анализата под наслов „Македонија сама најдобро си ги слави историските личности и датуми“.
Без инциденти, протестни ноти и вербални закани за нови блокади од страна на Бугарија помина неодамнешното одбележување на 120-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје. Тоа, се наведува во анализата, е најдобра потврда дека заедничкото чествување е погрешен пристап, кој само дополнително ги конфронтира двете држави и двата народа, македонскиот и бугарскиот.
Годинашново одбележување на денот на загинувањето на Гоце Делчев, иако со засилено полициско присуство и контроли, мина во една понормална атмосфера, слична на оние кога Македонија сама ги одбележуваше датумите од сопствената историја. Во исто време, Бугарија сама го одбележа овој датум со својот познат став дека Гоце Делчев „се борел за слободата на Бугарија“.
Историчарот Чепреганов целосно се согласува дека проблемите настанале во оној момент кога во Договорот за пријателство и соработка се спомнало заедничко чествување на важните датуми и личности.
– Ние треба да си се вратиме на чествувањето на Гоце Делчев како што беше пред потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка. Додека не беше потпишан тој договор, ние си имавме многу нормално чествување секоја година, како на 4 февруари, така и на 4 мај. Секоја година сме оделе и сме положувале цвеќе без никаков проблем, вели професор Чепреганов.
Според Чепреганов, ова е вистинскиот начин како треба Македонија да си ги одбележува важните датуми од сопствената историја.
– Не се потребни никакви заеднички чествувања. Бугарите нека си го прославуваат како што сакаат, ние ќе си го прославуваме како што нам ни одговара. Ова важи за сите датуми од нашата историја, вели Чепреганов.
Тој потенцираа дека Бугарија настапува со стремеж да наметне дека Македонија има заедничка историја со Бугарија.
– Што ќе чествуваме заеднички со нив? Гоце Делчев се борел за санстефанска Бугарија? Не! Гоце Делчев се борел за македонска држава и самостојност. Како ќе ги споиме тие две работи на заедничко чествување? Тоа се две спротивни идеологии, категоричен е историчарот Чепреганов.
Целата анализа може да ја прочитате ТУКА.