Професорот Марјан Гушев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) има 115 научни статии индексирани во глобалната интернетска научна база на податоци Web of Science во изминатата деценија (2011-2020), што е најголем број меѓу професорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје. УКИМ му додели  плакета за посебен придонес во развојот на научно-истражувачката дејност на Универзитетот и негова афирмација во земјата и странство, што е и прво вакво признание.

Според Гушев, овој  успех за сите научници истражувачи значи престиж дека се потврдуваат применетите научни методи.

– Се чувствувате дека добиените резултати стануваат дел од ризницата на најголеми достигнувања во научната јавност, рече Гушев во интервју за МИА.

Неговите публикации во светската научна база се од областа на компјутерските науки и нивната примена. Во фокусот на неговите истражувања е ИТ-технологијата во медицината. Тој има патентирано системи за мониторирање на работата на срцето и способноста да се регулира гликозата во крвта врз основа на ЕКГ мерења, користејќи мали носечки неинвазивни уреди кои се налепуваат на телото, како и принципи на пресметување во облак и уреди кои се наоѓаат на работ на Интернет (edge computing).

Основач е на компанијата „Иновејшн“ (Innovation) која  развива медицински софтвер за оддалечено набљудување на срцеви аритмии, а од 2020-та успешно го пласира овој продукт на светските пазари.

Иако условите за истражувања во странство се значително подобри, овој македонски научник и иноватор вели го избрал потешкиот пат за својата научна кариера, со цврсто уверување дека со посветена и напорна работа резултати може да се постигнат и во сопствената држава.

-Посакувам релевантните институции да преземат мерки за поорганизиран развој, финансирање на науката, и да помогнат сите потенцијални научници да добијат подобри можности за истражување и развој, порачува во интервјуто Гушев, кој покрај истражувачка работа има и тридецениска наставна активност.

Проф. Гушев, го добивте нововостановеното признание од УКИМ за најголем број научни публикации индексирани во базата на Web of Science во изминатата деценија (2011-2020) меѓу сите професори на Скопскиот универзитет. Колкав е нивниот број и од која област се?

– Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за своите вработени спроведе анализа на податоци во базата Web of Science, позната како база на списанија со фактор на влијание што ги индексира највлијателните научни статии во основната колекција Core Selection, вклучувајќи индекси за списанијата со фактор на влијание Science Citation Index Expanded (CSIE), за проширената база на списанија што се пробиваат Emerging Science Citation Index (ESCI), и за базата на зборници од конференции со фактор на влијание Conference Proceedings Citation Index (CPCI). Според оваа анализа, во периодот од 2011-2020, како дел од УКИМ, јас имам публикувано 115 статии, а потоа следуваат Сашко Ристов (кој докторираше под мое менторство, а сега работи на универзитетот во Инсбрук, Австрија) со 84, и колегата Трајче Стафилов од ПМФ со 82 статии.

Публикациите се од областа на компјутерските науки и нивната примена. Интересно е да се напомене дека оваа висока бројка според Web of Science значи просечно еден труд со фактор на влијание месечно. Инаку, секој автор од УКИМ објавил просечно 2,871 статии во разгледуваниот период од 10 години.

Колку од Вашите трудови се со фактор на влијание и што значи тоа за перспективата на самиот научник-истражувач, а што значи и за нашата наука, па и за државата?

– Покрај публикуваните 115 статии кои се индексирани во основната колекција на Web of Science во разгледуваниот период од 2011-2020, јас имам презентирано на конференции од локален карактер, и публикувано уште статии во списанија кои сѐ уште не достигнале доволен број на цитати за да бидат вклучени во базата Web of Science. Многу од нив се наоѓаат во базата Scopus, која се одржува од Elsevier со седиште во Холандија, или се индексираат според Scholar.Google, за разлика од Web of Science, која се одржува од Clarivate со седиште во Америка и канцеларии на сите континенти.

Објавувањето во списанија и зборници од конференции со фактор на влијание значи дека презентираните научни резултати се квалификуваат од еминентни рецензенти од областа. Ова за сите научници истражувачи значи престиж дека се потврдуваат применетите научни методи, односно се чувствувате дека добиените резултати стануваат дел од ризницата на најголеми достигнувања во научната јавност.

Бројот на објавени статии со фактор на влијание и бројот на цитати од други автори се основни параметри според кои се оценуваат универзитетите и државите воопшто, односно се мерило за квалитетот и квантитетот на резултатите од научно-истражувачката работа.

Два Ваши труда, од 2017 и 2018 година, достигнале висока цитираност, од 50 и 37 цитати според Web of Science. На која област се однесуваат и на што конкретно се должи високиот ранг т.е. 98-ми персентил од сите можни статии?

– Практично значи дека овие две статии според бројот на цитати достигаат во најдобрите 2 отсто од сите статии во разгледуваната година. За да не дојде до забуна, истакнувам дека една статија добива цитати во подолг период, односно колку што повеќе поминува времето, толку повеќе е веројатно дека објавената статија ќе има повеќе цитати, а од друга страна, индексирањето се спроведува во рамки на научните области за кои се однесува статијата.

Конкретно, првата статија се однесува на објавување нова рамка за податочна аналитика користејќи платформа за пресметување во облак без грижа за серверите (serverless) применлива за уреди кои се наоѓаат на работ на Интернет (edge computing), а втората ја прикажува еволуцијата на овој тип на пресметување од аспект на Интернет од Нештата (Internet of Things).

Истражувате за употреба на ИТ-технологијата во медицината, биоинженеринг, телемедицина… Имате патентирано три пронајдоци во Светската организација за интелектуална сопственост. За какви патенти се работи?

– Патентирани се системи за мониторирање на работата на срцето и способноста да се регулира гликозата во крвта врз основа на ЕКГ мерења, користејќи мали носечки неинвазивни уреди кои се налепуваат на телото, како и принципи на пресметување во облак и уреди кои се наоѓаат на работ на Интернет (edge computing).

Овие системи имаат практична примена за воспоставување на „набљудување од типот на интензивна нега“ за пациентот додека е дома или во нормални работни услови, односно не се однесува на хоспитализирани пациенти, туку се воспоставува систем кој овозможува оддалечено континуирано набљудување и алармирање во случај на опасни здравствени ситуации.

Основач сте и на „Иновејшн“ која развива медицински софтвер, телемониторинг, алгоритми за вештачка интелигенција. Има ли производи/решенија на компанијата кои веќе широко се применуваат?

– Патентите означуваат идеја како да се реализира некој систем, но тоа не значи дека имате доказ за концептот, реализиран систем, сертификат од релевантно тело дека се исполнуваат технички перформанси и дека се преземени сите мерки за заштита, доказ дека системот работи во лабораторија и во средина каде ќе се применува, и потврден систем за управување и производство на уредот. Потоа, треба да започне комерцијализацијата на продуктот, со доказ за продажба, формирање дистрибутивен ланец, брендирање, маркетинг итн., односно потребна е компанија којашто тоа ќе го обезбеди и гарантира.

За реализација на ваков тип активности, надвор од Универзитетот се формираат спиноф стартап компании, како што беше и случај во 2006  година кога се формираше компанијата „Иновејшн“. Главна цел на компанијата од 2015 година наваму е да развива медицински софтвер за оддалечено набљудување на срцеви аритмии, а од 2020-та успешно го пласира овој продукт на светските пазари.

Потребен е подолг период за да се пробие иновација од ваков тип, затоа што таа предвидува комплетно нови методи и начин на медицински мониторинг надвор од досегашната практика. Она што лесно се пробива се нови уреди кои се помали и подобри од постојните и лесно може да ги заменат. Но, кога станува збор за уреди кои воведуваат нов метод, тогаш треба повеќе време додека не стане дел од медицинската практика. Намената на нашиот продукт е да им се помогне на докторите во утврдувањето на правилна дијагноза врз основа на огромен број на податоци, иако има варијанти уредот да се користи и само од крајните корисници (пациенти или сите засегнати), нешто слично како рачен апарат за мерење притисок и одредување кои нивоа се во нормален ранг. Но, за разлика од едноставна споредба со гранични нивоа, срцевата активност е многу покомплексен витален параметар и од огромниот број на податоци треба да се одредат можните аритмии и нивото на опасност по здравјето, до кои тие можат да доведат.

Во 2012 година ја добивте наградата „Научник на годината“ на УКИМ, а оваа година ја примивте и првата награда кај нас за најбројни трудови во Web of Science. Притоа рековте дека заслугите за напорната работа на крајот се вреднуваат. Колку еден научник, според Вас, може да се посвети максимално на својата цел кога тоа не зависи само од неговиот напорен труд, туку и од фактори што не зависат од него, како услови, опрема, финансии….?

– Претпочитам дека секој што се определил за академска кариера или научно-истражувачка работа сака да биде вреднуван за достигања во науката. Мора да се разбере дека истражувањето не се прави за да биде вреднувано, односно потенцирам дека, сепак, секој што работи напорно и макотрпно се посветува на истражувањето ќе биде вреднуван на одреден начин. Во 2012 година ја добив награда за научник на годината на УКИМ, и тоа за мене претставуваше уште поголем поттик да продолжам понатаму. Се надевам дека оваа награда ќе биде мотив и за другите.

За фундаментални (теориски) истражувања не се потребни преголеми средства, освен оние кои ви овозможуваат да ги посетите најголемите конференции од областа и да размените мислења и идеи со други научници на темата на која работите. Но, за применетите истражувања, покрај наведеното, потребни се многу повеќе средства за проекти кои најчесто се добиваат од соодветни истражувачко-инвестициски програми (H2020, Horizon и слично), Дополнително, учесниците во проектот треба да партиципираат со 5 до 30 проценти од вкупната вредност на проектот кој би се водел, односно ако немате сопствени средства за финансирање, немате ни проект. Фондот за иновации и технолошки развој на Македонија ми додели два проекта во 2015-та и 2018-та, а без нив резултатите кои ги постигнав не ќе беа можни со тој обем за толку мал период.

Имате и 30-годишна наставна активност, професор сте на ФИНКИ каде што студира потенцијалот на науката на иднината, генерацијата на Индустријата 4.0. Дали младите научници имаат простор да се реализираат овде или почесто се решаваат за кариера надвор од државата?

– Условите во странство се значително подобри, посебно ако се анализира колку средства државата доделува за наука и истражување, и затоа сите оние кои престојуваат во странство имаат многу поголеми можности и перспективи. Јас, сепак, го одбрав потешкиот пат за мојата научна кариера, со цврсто уверување дека резултати може да се постигнат и во сопствената држава, сметајќи дека не е толку важно каде се наоѓаш, туку е важно колку посветено и напорно работиш. Во текот на минатите години, во повеќе наврати се потврди ова мое убедување дека и ние, од оваа средина, можеме да постигнеме големи резултати во науката, иако реално имаме значително помали можности од развиените центри.

Посакувам релевантните институции да преземат мерки за поорганизиран развој (финансирање) на науката, и да помогнат сите потенцијални научници да добијат подобри можности за истражување и развој, на пример, помош да се формираат добри предлог-проекти и учество во поголеми меѓународни проекти, партиципација во реализацијата на проектите, плаќање на средства за објавување статии во списанија со златен пристап (да се подмират сите трошоци за публикување, така што статиите се бесплатни за сите) или подмирување на трошоците за регистрација и учество на врвни научни и стручни конференции.

Инаку, во развиените земји се води грижа не само за подмирување на директните материјални трошоци за истражување и развој, туку и за обезбедување плати за истражувачите во рамки на научни институти, не само за областите кои се од национален карактер. Вложувањето во ваков тип институти е одржлива инвестиција, затоа што ќе се сопре изливот на мозоци, а воедно формираните научни институти по една или две години ќе се оспособат сами да обезбедат финансии за реализација на проекти.

Хатка Смаиловиќ

фото: Фросина Насковиќ