Дејан ТРАЈКОВСКИ, професор во Универзитетот “Св. Климент Охридски” Технички Факултет – Битола (ТФБ), 10 јули 2021
Со големо жалење морам да констатирам дека нема ништо од свеченото прогласување крај на епидемијата во текот на август. Преминот од намалување во зголемување на дневните броеви на нови случаи , којшто прв го предвиде ефективниот репродукциски број Rt (со седумдневно усреднување) уште пред неколку дена, веќе е потврден во сите временски рамки. На дијаграмот на втората слика гледаме дека Rt со 15 дневно усреднување, пресметан со една друга метода, исто така веќе наголемо е над единица. Дури и со 20-дневно усреднување Rt веќе надмина 1,30. Јасно е дека нема враќање наназад, броевите допрва ќе растат. Засега имаме локална трансмисија во Тетово, можеби и во Скопје, но прашање на денови е кога ќе се прелее и во останатите градови.
На дијаграмот на третата слика имаме уште една потврда на промена на трендот. Уште пред неколку дена 7-дневната (брзата) подвижна средна ја пресече оддолу нагоре 14-дневната (бавната) подвижна средина, што е можеби најочигледната потврда за промена на трендот, која дојде тука за да остане.
На дијаграмот на четвртата слика, пак, гледаме дека портокаловата надолна линија на трендот беше пробиена уште пред десетина дена, кога прв пат споменавме ризик од промена на трендот, којшто сега е веќе потврден. Потврда претставува и седумдневната подвижна средина (зелената линија) која веќе заврти нагоре, како и линијата на регресиониот модел (црвената) линија.
Овој дијаграм ни кажува уште нешто важно. Доколку немавме увезен Делта сој, поради експоненцијалното намалување на дневните броеви на случаи деновиве ќе имавме просечно само по два нови случаи на државно ниво. Но, сега имаме просечно по 11, што значи дека Алфа сојот е во малцинство. Без секвенционирање на геномот на вирусот (штом не набавиле со време најнови китови за тестирање на Делта сој) не знаеме дали Делта или Бета (јужноафриканскиот) сој е доминантен, но со текот на времето, заради поголемата преносливост Делта во секој случај ќе стане доминантна и над Бета. На Делта и беше лесно да стане доминантна, затоа што влезе во празна куќа и немаше потреба долго да се чека за да ги надмине по број Алфа случаите.
Значи, Делта сојот е тука и веќе локално се шири низ Тетово, евентуално и низ Скопје. Жално и истовремено смешно звучат изјавите на нашите власти дека допрва ќе разгледувале воведување ПЦР тестови за влез од Грција во Македонија. Употребната вредност на таквата мерка во овој момент (штом не ја презедоа пред три недели) е рамна на нула, бидејќи веќе сега бројот на домашни случаи од Делта сојот е поголем од бројот на увезените. Контрола на границите сега би имала смисла само доколку Тетово, евентуално и Скопје, се стават во еднонеделен карантин, па да се вратиме на нула.
За тие што не знаат, да се потсетиме како работи краткиот локдаун на почетокот на епидемијата, како на пример во Австралија или Нов Зеланд. Штом нов случај е дијагностициран во еден град, се претпоставува дека тоа лице веќе имало контакти со други лица, на кои што им го пренело вирусот. Тогаш се воведува локдаун, за да не можат неоткриените заразени да заразуват други лица, а истовремено да ги покажат симптомите. Бидејќи веќе биле во локдаун, тие продолжуваат во изолација, но најважно е што не можеле заразат други, освен домашните. При мал број на случаи, 7 дена би биле сосема доволни (пет дена е просечното време на инкубација за Делта сојот), додека при многу случаи би биле потребни 14 дена, заради статистичкото расејување (времето на инкубација може да биде од 2 до 14, па и повеќе денови).
Така, овие предложени мерки не значат практично ништо. До сега знаевме дека се безобзирни, но сега веќе имаме основа и за сомневање во менталните капацитети на тие што одлучуваат , односно ги изложуваат на ризик здравјето и животите на илјадници луѓе. Допрва ќе се уверат и дека стапката на прележаност, заедно со вакцинираност, нема да биде доволна (кој ли ги учи дека е доволна?) за да спречи ново избувнување на есен.
За десетина дена ќе започнат и првите хоспитализации, а на почетокот на август и првите смртни случаи. Но, сега е поважно населението да се забавува, патува и прави свадби, а за разболувањето и умирањето ќе му ја мислиме отпосле.
ДЕНЕСКА, ТРАЈКОВСКИ СО СВОЕ НОВО ВИДУВАЊЕ ПО ИЗВЕПТАЈОТ НА МЗ. ЕВЕ ШТО ВЕЛИ:
11 ЈУЛИ 2021
Денеска имавме двоцифрен број на нови случаи (13), што е многу како за во недела. Но, не се само дневните броеви на нови случаи и ефективниот репродукциски број Rt во пораст. Започна да расте и стапката на позитивни тестови, при приближно константен дневен број на тестирања – јасен индикатор дека вирусот одново започнува да се шири. Така тоа започнува.
“Изненаден сум од високата вредност на репродукцискиот број Rt, иако на почеток тој секогаш има повисоки вредности. Пред влегувањето на Делта сојот имавме Rt околу 0,70, па сметајќи со 40%-60% поголема преносливост очекував летово тој да достигне 1,0-1,1, односно само проста репродукција, но моментално изгледа дури и полошо.
Ќе почекаме десетина дена да видиме дали ваквиот резок пораст (во последниве седум дена Rt = 1,66 ± 0,62) се должи само на заразувањето на членовите на семејствата, на попуштањето на вниманието кај населението или пак веќе систематски, верижно започнува да се заразува општата популација.
Патем кажано, денеска на Тетово му се придружи и Гостивар, а малку веројатно е дека се работи само за обично „повампирување“ на Алфа сојот. Поверојатно е дека ова е по заслуга на Делта.