Спасувачките екипи ги пронашле двете црни кутии од патничкиот авион што се урна во близина на непалскиот град Похара, при што загинаа 68 патници, а уште четворица се водат како исчезнати во најсмртоносната авионска несреќа во земјата во последните 30 години, соопштија утринава властите.
Податоците од кутија што ги снима податоците за летот и другата што ги снима разговорите од пилотската кабина со контрола на летот би можеле да и помогнат на истрагата да ја утврди причината за падот на авионот што се урна при ведро време во неделата, непосредно пред да слета на аеродромот во туристичкиот град Похара.
Текнат Ситаула, претставник на аеродромот во Катманду, рече дека двете црни кутии се во добра состојба.
– Однадвор изгледаат добро, рече тој.
Спасувачите денеска ја продолжија потрагата по четири исчезнати лица, а Непал за денеска прогласи национален ден на жалост и формираше комитет за истрага на несреќата, кој ќе има задача да предложи мерки за да се избегнат вакви несреќи во иднина.
Досега се пронајдени телата на 68 лица, од 72 колку што се наоѓале во авионот АТР 72 во сопственост на Јети ерлајнс.