Ниту една фирма не се пријавила на распишаниот тендер од Општина Чаир за уривање на дивоградби на територијата на оваа скопска општина.

Рокот за поднесување понуди истече вчера, а денеска Комисијата за јавни набавки на Чаир требаше да ги отвори и разгледува понудите, но никој не доставил понуда за отстранување на бесправно изградено објекти, меѓу кои е и дивоградбата пред ТЦ „Мавровка“ во центарот на Скопје.

– И ние се чудиме зошто нема ниту една понуда, немаше никакви посебни услови во тендерот. Постапката е поништена и веќе утре распишуваме нов тендер зашто не сакаме да чекаме, сакаме што побрзо да се отстрани дивоградбата кај ТЦ ‘Мавровка‘. Ги повикуваме сите фирми да се јават на тендерот и да достават понуди, бидејќи немаме дадено никакви посебни критериуми. Тендерската документација е како на сите општини кои објавуваат вакви тендери и на кои се пријавуваат фирми за уривање, велат од Општина Чаир.

Постапката за доставување на понуди ќе трае 7 дена и од Чаир велат ако овој пат тендерот е успешен, најдоцна за еден месец, имајќи ги предвид роковите за жалби, ќе може да се интервенира.

Се уште не се знае и кој ја гради дивоградбата кај Мавровка, а се гради на местото на кафулето Фонтана, кое изгоре во неразјаснет пожар пред неколку месеци.