Руските окупациски сили денеска соопштија дека се повлекле од градот Нова Каховка, обвинувајќи ги украинските сили дека го гранатирале градот.

Нова Кахова е лоциран во јужна Украина и е во близина на стратешка хидроцентрала. Градот е на левиот, источен брег на Дњепар во регионот Керсон, од каде руските сили минатата недела се повлекоа пред украинската контраофанзива.

– Вработените во јавната администрација на Нова Каховка, во државните и градските институции исто така го напуштија градот и се распоредија на безбедно место, соопшти од градската управа назначена од Москва.

Но, во соопштението не е наведено дали руската армија останува во градот или не.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ги обвини руските сили за минирање на браната и делови од електраната, наведувајќи дека доколку дојде до експлозија, повеќе од 80 места ќе бидат поплавени.

Според Киев, уништувањето на таа инфраструктура би имало влијание и врз снабдувањето со вода на целиот јужен дел на Украина и би можело да влијае на ладењето на реакторите во нуклеарната централа Запорожје, најголемата во Европа, која црпи вода од вештачко езеро и брана од 18 милиони кубни метри.

Руските окупаторски власти негираа дека ја минирале браната Каховка, нагласувајќи дека нејзиното уништување ќе го наруши водоснабдувањето на Крим.