Казните за народот кој го блокираше патот Струмица – Радовиш се противуставни, одговорност ќе има, се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
-МВР на Спасовски се обидува да ги заплаши граѓаните кои протестираа против предлогот на Ковачевски кој значи бугаризација на Македонија и македонскиот народ, со казни кои се косат со Уставно загарантираното право на протест. Власта знае дека не може да го забрани протестот, па се одлучи граѓаните кои ги блокираа патиштата да ги казни за непрописно движење по пат и непрописно паркирано возило, се вели во соопштението.
Мизерни се обидите на Спасовски и Ковачевски, се додава натаму во реакцијата, преку прекршочни казни да ги сузбијат протестите.
– Одговорност за ова злоупотреба на законите и институциите ќе има. Народот е против бугаризација. И власта не може да го спречи да каже НЕ за Ултиматумот, се наведува во соопштението.
Како што објавивме, МВР на Спасовски експресно најави казни за учесниците во протестот во Струмичко. Како што реагираа граѓани на социјалните мрежи, им се закануваат со казни од стотина евра, во време кога власта не создава услови лесно да се заработат.
Исто така, МВР објавува фотографии и видео снимки од апсења на учесници во протестот, на што реагираат граѓаните, со забелешка дека МВР не објавува снимки од „такви спектакли“ од апсење на пиштолџиите и слично, кои се обидоа минатата недела да предизвикаат инцидент со поголеми последици на протестот во Скопје.