На Светскиот ден на здравјето – 7 април, Здружението на приватни лекари најавија мирен протест пред Министерството за здравство од каде ќе ги изнесат нивните барања.
– Управниот одбор на ЗПЛРМ донесе одлука да на 7 април да има протести на здравствени работници пред Министерство за здравство во Скопје во 12 часот, е наведено на страницата на Здружението на приватни лекари.
Меѓу другото, тие бараат капитационен бод од 90 денари, промена на режимот на лекови и важење на препораките за хронична терапија, да се промени казнената политика, електронско здравство, како и да се променат буџетите за специјалисти и лаборатории.
– Сето ова го бараме за нашите пациенти и за опстанок на примарното здравство. Само кај нас има неограничен број на услуги со ограничени финансиски средства. Огромен број на услуги не се платени. Триесет години добиваме исплата на нашиот труд со каснење од по неколку месеци! За прв пат имаме министер за здравство од примарно ниво и заменик министер кој ги разбира нашите проблеми. Владите се менуваат, но никако да не стават во план на нивниот буџет, потенцираа од Здружението.
Свечена академија во хотелот Холидеј ин
По повод Светскиот ден на здравјето – 7 април, Македонското лекарско друштво денеска во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје ќе ја организира традиционалната Свечена академија.
Во оваа пригода, на лекарите кои дале значаен придонес во медицината во изминатата година ќе им бидат доделени највисоки признанија повелбите „Др. Трифун Пановски”.
Под овогодинешното мото на СЗО „Наша планета, Нашето здравје”, реферат на Академијата ќе презентира проф. д-р Михаил Кочубовски од Институт за јавно здравје.