Македонскиот народ е обединет и сплотен и застанува на патот на предавството коешто Зоран Заев и оваа Влада и го подготвуваат на Македонија. Целосното обезличување преку бришење на македонскиот народ и македонскиот јазик е последната црвена линија преку која нема да дозволиме да се помине. Тоа го порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков во Охрид, каде поддржувачи на партијата со автомобили и вклучени сирени продефилираа од влезот на градот од страната на Скопје до зградата на Општината.

Пецаков изрази задоволство од, како што рече, фактот што секојдневно се зголемува бројот на луѓето кои се охрабруваат да излезат на протест и да кажат „не“ на бришењето на сè што е македонско.

– Му посочуваме на Заев дека никој не му дал мандат да преговара за Македонија и македонскиот народ и јазик, и му порачуваме дека не може да ни биде избришана македонската свест. Поради тоа што оваа Влада не може да ги реши проблемите на граѓаните во Македонија бараме веднаш неотповиклива оставка на Заев и формирање на Влада на национален спас којашто ќе биде составена од експерти, истакна тој.