Поднесеното барање од адвокатите на Никола Груевски за изземање на специајлната јавна обвинителка Катица Јанева е одбиено, како што е соопштено, повикувајќи се на одредбите од ЗКП и од Законот за СЈО.
Пред судот во Скопје има полициско обезбедување, поради насобраните граѓани кои протестираат.
Претседателката на судечкиот совет на Апелацискиот суд Цветанка Периќ рече дека бидејќи барањето за изземање е одбиено, не постојат пречки за продолжување на јавната седница за жалбата на првостепената пресуда за Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“.
На седницата не присуствуваат Груевски, како и неговите бранители Димитар Дангов, Сања Алексиќ, Данчо Анаков и Боро Тасевски, кои го известиле Судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на други предмети во Кривичниот суд. Ѓоко Поповски и неговиот адвокат Стерјо Зиков дојдоа во Алецискиот суд.
За случајот „Тенк“, односно за набавката „мерцедесот“ вреден 600 илјади евра, поранешниот премиер Никола Груевски „како поттикнувач за извршување на делото“ е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор.
Во Кривичниот суд во Скопје за „Тенк“ се води и раздвоена постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Кривичниот суд денеска ја продолжи раздвоената постапка против Јанкулоска во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.
Пред почетокот на денешното рочиште адвокатот од одбраната Боро Тасевски побара изведувањето на материјалните докази да се врши со нивна презентација за разлика од претходно кога се читаа само наслови од листата на докази. Според одбраната, барањето има за цел сите суштински да се запознаат со материјалните докази.
Стефчо Донев од СЈО рече дека ваквиот предлог има за цел само да се одложи постапката, посочувајќи дека одбраната не ја спори содржината на материјалните докази, туку само начинот на презентација.
Претседателот на судечкиот совет судијката Добрила Кацарска кажа дека Судот веќе има одлучувано по ова барање на претходна постапка, но со оглед дека двајца поротници се нови ќе треба повторно да се произнесе.
Судот по 10-минутна пауза го отфрли предлогот на одбраната како неоснован и се продолжи со изведување на писмени докази.
На претходните постапки беа сослушани повеќе сведоци предложени од обвинителството кои на некој начин биле вклучени во постапката за јавна набавка на блиндираното возило „мерцедес“ во 2012 година.
По изведување на материјалните докази од обвинителството на следното рочиште треба да бидат сослушани сведоците предложени од одбраната.