Пред почетокот на пленарната седница, на која на дневен ред е предлог-законот за родова еднаквост, десетици граѓани протестираа пред зградата на албанскиот Парламент со барање до пратениците да не го поддржат истиот.
Протестот е во организација на Албанската коалиција за семејство и живот, а учесниците носеа транспаренти на кои пишуваше, „Пратеници, не гласајте против децата“, „Предлог-закон за родова еднаквост, антисемеен“, „Држете ги рацете подалеку од децата“.
– Лидерот на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, кој е пратеник, пред да влезе во Парламентот за медиумите ја коментираше изјавата на амбасадорот на Европска Унија во Тирана, Силвио Гонзато, кој повика на одобрување на овој предлог-закон.
– Му кажувам на амбасадорот на ЕУ, господине, ние апсолутно ја почитуваме сексуалната ориентација на секого, но не и вашите напори да наметнете стандарди за повеќекратна родова припадност, зашто овој закон е против семејството. Го повикувам нека им каже на Албанците во која директива на ЕУ се зборува за повеќекратна родова припадност. Нека излезе, нека го изнесе тоа пред јавноста, изјави Бериша.
Против донесување ваков закон претходно се произнесе и меѓурелигискиот совет на Албанија, составен од петте верски заедници, муслиманска заедница, автокефална православна црква, католичка црква, светската бекташка патријаршија и евангелистичко братство.
Во заедничка декларација на Одборот на Претседателството на меѓурелигискиот совет на Албанија, се нагласува важноста на традиционалното семејство, врз основа на двата биолошки пола: маж и жена.
фото: Топ чанел




