Од два до осум денари за килограм, толку е годинашната откупна цена на модрите сливи за разлика од лани кога беше 20 денари, велат прозиводителите. Овоштарите од Радовиш бараат дел од сливите да одат за откуп, а дел за индустриска преработка, додека производителите од Пијанец за денеска во 10 часот најавија мирен протест пред општинската зграда на Делчево.
Протестот го поддржува и здружението на фармери, сточари, лозари, тутунопроизводители и пчелари „Земјоделци – Македонија“ кое на својот фејсбук профил вчера објави фото-статус со порака: „Цена под 12 денари за килограм е нерентабилна“.
Владата денеска на седница треба да го разгледа, а се очекува и да го усвои предлогот на Министерството за земјоделство – секој регистриран откупувач и трговец да добие по два денара субвенција за откупен килограм сливи.
– Оваа мерка произлезе од работните состаноци што ги одржа нашиот тим изминативе денови со производителите и со откупувачите на сливи, а беше предложена како мерка од заеднички интерес. И во следниот период ќе го следиме откупот за да се избегнат непријатности и да се реагира навреме, соопшти Министерството, откако беше алармирано за ситуацијата со откупот на сливите.
Според Јован Стојменовски од Пијанец, сината слива не може да достигне повеќе од два денара за килограм.
– Ги повикувам сите производители на сливи од регионот да дојдат на протестот, да донесат гајби сливи и да им поделат на парламентарците. Сите 1.000 производители не можат да земат толку пари колку што еден пратеник зема плата, изјави вчера Стојменовски.
Благојчо Георгиевски од селото Град кој има над 300 тони сливи и е производител 18 години, вели дека годинава има проблеми со извозот.
– Рудине откупува мала количина, но сега ги нема и откупувачите од Струмица и Радовиш со кои претходно соработувавме, истакнува Георгиевски.
Незадоволни од ниските откупни цени, производителите на сливи од Радовиш пред три дена го блокираа патот Радовиш – Струмица, истакнувајќи дека целосно е запрен откупот на пунктовите во селата.
Министерството тогаш апелираше земјоделците да не потпаѓаат на политички монтирани информации и на создавање вештачка криза. Воедно информираше дека се подготвуваат мерки за стабилизирање на откупот.
Според овоштарите, засега се неоткупени 5.000 тони сливи само од делчевскиот крај за кои, наводно, се уште нема доволно откупувачи, како и околу 4.000 тони сливи од Берово и Пехчево.
Производителите предупредуваат дека годинава е лош и пласманот на вишните од кои 1.000 тони воопшто не се собрани од нивите.
Во годинашната Програма за финансиска поддршка производителите на сливи имаат можност да аплицираат за субевнеција од три денари за килограм предадени сливи во преработувачки капацитети. Од Програмата за директни плаќања за одржување насади од слива се исплаќа субвенција од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од еден до пет хектари.
За субвенции досега се пријавени 2.788 лица со вкупно 2.121 хектари површина.
Просечните приноси за 2018 година се 20 тони на хектар.