Тиквешките лозари денеска протестираа поради неплатено грозје од пред неколку години. Од градскиот плоштад во Кавадарци, тие ги кажаа своите барања, да им се исплати грозјето предадено во 2015 и 2016 година во „Стефани винарија“ и „Повардарие“.
Ако овие барања не бидат исполнети до 10 февруари, најавија блокади низ Тиквешијата.
Лозарите на протестот побараа и загарантирана откупна цена од 17,5 денари за килограм „смедеревка“ и 18,5 денари за „вранец“.
-Лозарите повеќе не можат да издржат. Доколку не се исполнат барањата, ќе бидат приморани да организираат масовни протести. За „Стефани винарија“ ситуацијата е многу тешка. Влезена е во стечај. За сите ќе има пари освен за лозарите. Во „Повардарие“ работите се малку подобри. Бараме Владата да преземе конечни мерки и да си ги добиеме парите, рече Трајче Кулев, претседател на регионалното здружение „Напредни лозари“.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев се согласува целосно со барањата на производителите на грозје и им даде целосна поддршка.
-Од Владата има ветување дека ќе се најде начин да се исплати грозјето предадено во „Повардарие“. Исто така имаме ветување дека во стечајната маса во „Стефани винарија“ ќе влезе и долгот на лозарите. До крај на февруари заедно со Владата, општината, лозарите да изнајдеме начин да се исплати долгот. Да се донесе нов закон со кој ќе се загарантира откупот. Ниту една винарија да не може да го продаде виното или да го заложи пред да го плати грозјето. Тоа е единствен начин да имаме сигурност, рече Јанчев.
Градоначалникот потсети дека лозарите во земјава се единствената категорија производители кои не можат да го наплатат својот производ.
Обраќања на протестот имаа и повеќе лозари кои се осврнаа на проблемите со кои се соочуваат со години, а говореше и пратеникот Панчо Минов.
-Цел мој мандат како пратеник се залагам за решавање на овој голем проблем. Издејствував досега делумно да се исплати долгот, но тоа не е доволно. Сега имаме гаранција од државата дека неисплатените пари, по мој предлог, ќе ви бидат оваа година исплатени. Годинава ќе ви биде исплатено горзјето предадено во „Повардарие“ со средства од буџетот. Јас го ставив мојот мандат во залог и ви гарантирам дека долгот ќе ви се исплати, рече Минов, дополнувајќи дека ќе побара до „Свети Трифун“ да им се исплатат парите за субвенции и ветениот еден денар за килограм предадено грозје.
Се постигна договор во сабота да остварат средба со министерот за земјоделство во Кавадарци, кој го најавил неговото присуство и лично да му ги пренесат барањата упатени од денешниот протест.