Стотина жители на селото Тимјаник, кои денеска излегоа на протест да го изразат своето незадоволство поради одлуката за отворање мал групен дом за деца со попреченост во ова неготинско село, и порачаа на министерката Царовска и на Владата дека „сакаат градинка, а не дом за деца со попреченост“.

Тие на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која со претставници на Делегацијата на ЕУ и со претставници на УНИЦЕФ и УНДП го посети отворениот нов групен дом во Неготино, и порачаа дека не се против децата со попреченост, но дека нема да дозволат на оваа локација да се гради дом.

Жителите на селото што се противат на ваквата одлука сметаат дека тоа претставува закана за иднината на нивните деца. Групниот дом за деца со попреченост треба да се отвори во просториите на старата амбуланта во центарот на Тимјаник, каде што ќе бидат префрлени деца од Специјалниот завод од Демир Капија. Негодувањата се и поради тоа што домот ќе биде во близина на училиште, но и во близина на откупни центри, што според нив ќе биде навистина проблем за згрижување на децата.

Денес реагираше и партијата ДОМ. Со соопштение таа  јавно прашува кој ги мами луѓето во Тимјаник?

„Најверојатно се работи за голема измама на граѓаните од убавото неготинско село дека може да имаат некаква, било каква штета кога нивни сограѓани ќе станат неколку лица со попреченост. Тврдиме дека е ова измама и грда лага, која се стреми луѓето од Тимјаник да ги направи нелуѓе. Лага, која тргнува од негирање на човековото право на лицето со попреченост да живее достоинствен живот на човек“, се додава во соопштението.

Министерката Царовска вчера пред насобраните на протестот рече дека „Неготино доби уште еден мал групен дом и да ја видите насмевката на децата, ќе посакате да имаме уште 2.000 вакви места во Македонија. Сакав да слушнам сè што ве плаши и затоа сакам да чујам што вие сакате да кажете, зошто се собравте, што е тоа што ве плаши“.

Но, жителите на селото не попуштаат – велат дека се загрижени. „Дали јас да останам од работа да го чувам детето или да го носам во градинка оти не го примаат. Објектот е во близина на училиштето и патот, има и откупен пунк. Ние не сме против децата, но овој објект не одговара, тој беше ветен за градинка. Кажете ни каде ние сега да ги згрижиме нашите деца. Секој ден возам по неколку километри за да го носам детето во градинка, а во градинките во Неготино нема место за да ги примат нашите деца“, вели жител на селото.