Собранието денеска едногласно со 84 гласа усвои Кодекс за етичко однесување на пратениците. Целта на документот е да ја зајакне етиката кај пратениците и да ја зголеми довербата во парламентот како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт.

Финалното усогласување на Етичкиот кодекс пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата го постиганаа на првата средба во рамки на Жан Моне процесот во Охрид во мај годинава. Во тек е усогласување на измените на Деловникот за работа на Собранието, што исто така беше на дневен ред на оваа средба.

Во текот на расправата, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека текстот на кодексот е добра основа за надградба  на етичките правила во иднина, но оти е еден од идните чекори на патеката од повеќе километри. Според Димовски, клучно за тоа дали овој парламентарен состав има капацитет и сила да си ја свати улогата и поимот што треба да работи, ќе биде дали и какви измени на Деловникот и на изборното законодавство ќе донесе наесен.

Тој наведе и дека Собранието во целост не си ја извршува уставната улога како највисок државен орган и контролен орган врз извршната власт.

Според координаторот на СДСМ Томислав Тунтев, ова е свечен ден во Собранието затоа што првпат се носи документ како прв чекор кон регулирање на односот на пратениците во парламентот сами кон себе, кон колегите, кон јавноста и кон институциите.

Артан Груби од ДУИ побара како што надвладеа духот на консензусот при  подготовката на кодексот така и да се продолжи при носењето на Деловникот, други закони со двотретинско мнозинство и Планот 18 на Владата.