Со слогани против формирање универзитетска полиција, но и за итно отворање на факултетите, грчките студенти одржаа протест во Атина и Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Организирани од студентските здруженија, маршираа низ улиците во центарот на Атина и одржаа мирен протест пред грчкиот Парламент.

Дел од студентите, за МИА велат дека тие не се криминалци, туку студенти и затоа не се согласуваат на факултетите да има полиција.

Коментираат дека со сите превентивни мерки, би можело одново да започнат предавањата со физичко присуство, со оглед на тоа што веќе над една година се затворени поради пандемијата.

Законот за високо образование во кој е предвидено и формирање универзитетска полиција, нешто со кое не се согласуваат студентите, веќе е изгласан од пратениците, а според најавите веројатно ќе се спроведе на есен, со почетокот на новата академска година.