Десетици илјади луѓе денеска повторно протестираа низ Германија против десничарскиот екстремизам и за поддршка на демократијата, додека демонстрациите во Минхен се прекинати поради пренатрупаност.
Протестите, кои се организираат откако беше објавено дека членовите на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) одржале таен состанок со десничарските екстремисти во Потсдам на кој се разговарало за масовната депортација на странски државјани, се одржаа денеска во Бремен , Келн и Бон, а најголемиот собир се очекува во Берлин.
Во Минхен демонстрациите се прекинати поради пренатрупаност, соопшти полицијата и посочи дека е невозможно да се обезбеди безбедност на учесниците.
На протестот во Минхен се очекуваа околу 25.000 луѓе, но организаторите велат дека се собрале и до 250.000, пишува германски Велт.
Според проценките на полицијата, на демонстрациите во Минхен се собрале околу 80.000 луѓе, додава Шпигел. Според проценките на полицијата, на митингот „Против десницата“ во Бремен се собрале меѓу 35.000 и 40.000 луѓе, додека организаторите проценуваат дека имало околу 50.000 луѓе.
„Цел Бремен ја мрази АфД“, скандираа учесниците на протестот во Бремен.
Протести против десничарскиот екстремизам и ксенофобија се одржаа и во Келн и Бон.
Неколку илјади луѓе се собраа во Бон, додека три собири беа одржани во Келн, каде десетици илјади луѓе протестираа против десничарскиот екстремизам.
„Омразата ве разболува“ и „Нема Келн за нацистите“, пишувало на плакатите што ги носеа учесниците на протестот во Келн, пишува Тагешпигел.
Најголемиот протест се очекува да се одржи во Берлин, каде организаторите ги поканија учесниците да дојдат во Бундестагот во 16 часот.
Од петок до денеска се планира да се одржат протести на околу 100 локации низ Германија.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер им се заблагодари на стотиците илјади учесници кои протестираа против десничарскиот екстремизам за нивната посветеност на демократијата.
„Тие ја бранат нашата република и нашиот устав од непријателот. Тие ја бранат нашата хуманост“, рече германскиот претседател во видео пораката.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер го пофали одржувањето на протестот како одбрана на демократијата.
„Викендов на нашите улици и плоштади чука срцето на нашата демократија“, рече таа и оцени дека е многу охрабрувачки што стотици илјади луѓе активно „ја бранат германската демократија“.
Протести против десничарскиот екстремизам се одржуваат ширум Германија, откако беше откриено дека членовите на AfD присуствувале на состанок со неонацисти и други екстремисти во ноември, на кој се разговарало за масовната депортација на мигрантите, барателите на азил и германските државјани од странско потекло за кои се смета дека не успеале да се интегрираат. Средбата се одржала во хотел во близина на источногерманскиот град Потсдам на 25 ноември, но јавноста за неа дознала дури на 10 јануари, кога ја открил истражувачкиот весник „Коректив“.