Десетици илјади работници во германската автомобилска индустрија денеска протестираат низ целата земја против затворањето фабрики и масовните отпуштања.

Под слоганот „Иднина наместо кратења – солидарноста е нашиот најсилен бренд“, протестите се одржуваат пред фабриките на Фолксваген, Мерцедес-Бенц, БМВ, Ауди, Порше и компании добавувачи за автомобилската индустрија.

Моќниот Синдикат „ИГ Метал“ најави повеќе од 280 протестни собири, со порака дека работниците не се виновни и не треба тие да плаќаат за грешките направени изминатите години.

Протестите се одржуваат неколку дена откако „Фолксваген“ драстично ги намали прогнозите за профитабилноста.

„ИГ Метал“ бара зачувување на работните места и производството во Германија, како и поголеми инвестиции во домашните погони и нови модели.

Од Владата на канцеларот Фридрих Мерц синдикатот, меѓу другото, бара пониски цени на електричната енергија, подобра заштита од евтин увоз и поддршка за добавувачите во процесот на реструктуирање.