Сојузот на синдикати на Македонија денеска реагираше зошто на првата јавна расправа за Предлог-законот за работни односи во Клубот на пратениците е предвидено да се обратат само министерката за труд и социјална политика и претставник од Организацијата на работодавачи на Македонија, но не и претставник од синдикатите.

– За ваквата покана, од страна на ССМ веднаш е упатено протестно писмо до Министерството за труд и социјална политика и министерката Мила Царовска. Со оглед на значењето на Законот за работните односи, кој претставува устав за работничките права за сите работници во Република Македонија, помеѓу кои има и членови на синдикатите во Република Македонија, исклучително несериозно е започнувањето на првата јавна дебата за Предлог на Закон за работните односи, без директно вклучување на работниците или на нивните претставници, велат од ССМ во соопштението.

Оценуваат дека со ова се создава впечаток дека процесот се води без трипартитен социјален дијалог, се фаворизира само едната страна, односно работодавачите и се остава можност за кратење на одредени права од работен однос на штета на работниците.

– Сојузот на синдикатите на Македонија, во услови кога Република Македонија се стреми кон приклучување на европското семејство, односно Европската унија, и во услови кога се залагаме за почитување на европските вредности, помеѓу кои спаѓаат и почитување на европските работнички права, нема да дозволи од страна на Министерството за труд и социјална политика и од страна на работодавачите, кои очигледно дејствуваат заеднички, да се извршат било какви намалувања на правата од работен однос на штета на работниците, се наведува во соопштението од ССМ.