Фундаменталните индикатори на пазарот со нафта „прифаќаат“ интервенции во производството согласно потребите за да се урамнотежи пазарот, изјави министерот за енергетика на Обединетите Арапски Емирати и претседавач на Организацијата на државите извознички на нафта (ОПЕК), Сухел ал-Мазруи.

Ваквата изјавата на Ал-Мазруи следи откако 14-члениот нафтен картел одлучи да го намали дневното производство на нафта со што цените на енргенсот денеска почнаа да се растат после 12 денови пад.

ОПЕК контролира 35 отсто од светското производство на нафта и располага со 82 отсто од познатите резерви. Во групата статус на партнери и набљудувачи имаат уште 10 земји, како Русија, Мексико и Казахстан, кои не се членки на ОПЕК, но ги прифаќаат правилата за интервенции на  пазарот со нафта.

Ал-Мазруи во интервју за „Блумберг ТВ“ истакна дека за ОПЕК не е важна цената, туку количествата на резерви на енергенсот.

– Ако има потреба за балансирање на пазарот, групата со консензус одлучува за корекција на производството. Тоа го правиме и сме го правеле и во минатото, изјави тој.

Резревите на сирова нафта во развиените земји се зголемија во последните четири месеци и се предвидува дека ако се одржи сегашното ниво производство, тие да растат по два милиони барели дневно во првата половина на 2019 година, се наведува во месечниот извештај на Меѓународната агенција за енергија објавен денеска.

ОПЕК во својот последен извештај посочи дека картелот предвидува намалена побарувачка на неговата нафта во 2019 година, како резултат на успорување на глобалната економија и зголеменото производство од страна на конкурентите.