Од почетокот на појавата на коронавирусот, Македонија вчера го регистрираше првиот случај на заболен пациент кој е тргнат од респираторна машина откако пред три недели бил примен во тешка состојба.
Тој пет – шест дена примал озонска терапија, антибиотици и антиинфламаторни лекови. Оптимистички се и бројките на Институтот за јавно здравје кој евидентира осум нови случаи, еден починат и 21 оздравен пациент.
Триесет и седумгодишниот пациент кој е тргнат од респираторна машина е хоспитализиран во Градската општа болница „8 Септември“ и тој според директорот на болницата Христијан Костов, сам дише и неговата состојба е стабилна.
– Му треба време на организмот. Ние пробуваме. Ако му падне сатурацијата (присуството на кислород во крвта) може повторно да го ставиме на респираторна машина. Мора да му се даде време. Неопходни се 24 до 48 часа за да сме целосно сигурни дека на пациентот не му треба респираторна машина. Ова е резултат на ангажманот на целата екипа во болницата која макотрпно работи, изјави Костов вчера за МИА.
Со новодијагностицираните пациенти, бројката на заболени во земјава од почетокот на епидемијата се искачи на 1.526 лица и на 86 починати. Сепак, бројката на оздравени надмина илјада, а бројот на активни случаи изнесува 427.
Според последните податоци што вчера ги објави Министерството за здравство, на Клиниката за инфективни болести вкупно се хоспитализирани 41 пациент. На кислородна поддршка се 19 пациенти, а на механичка вентилација еден. Во ГОБ „8 септември“ вкупно се хоспитализирани 14 пациенти, тројца пациенти се на респираторна машина, а четворица се со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се лекуваат четворица пациенти, а на домашно лекување се следат уште двајца пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани четворица пациенти, а уште тројца се следат на домашно лекување. На инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид и Тетово се хоспитализирани 52 позитивни и суспектни на Ковид-19.
Здравствениот сектор вчера остана без првиот човек на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев кој поднесе оставка од приватни семејни причини.
Неговата оставка беше констатирана на вчерашната владина седница. Дончев раководеше со ФЗОМ од 2017 година.