Загрижени сме по повод објавениот конкурс за творби за светското одбележување на 70 годишнината од формирањето на НАТО пактот, се вели во реакцијата по повод конкурсот за НАТО за деца на возраст од 4 до 17 години, што го промовира министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.
– Темите на конкурсот кои „би ги доближиле претставите, поимот и значењето на НАТО“ сметаме дека се промоција на воени теми и идеи, а спорна е и возраста на децата, особено најмалите бидејќи конкурсот е наменет за деца на возраст од 4 до 17 години. Обид за манипулација и индоктринација на деца од основните и средните училишта во Македонија. Првата детска амбасада во светот Меѓаши остро реагира на ова, се вели во денешната реакција од Меѓаши.
Првата детска амбасада цврсто верува и се залага за промоција на мирот и ненасилната трансформација на конфликти, воедно верувајќи дека свет без алијанси кои промовираат моќ, демонстрираат сила и сеат страв, би бил подостоен за живеење.
– Идејата за заштита и промовирањето на заштитата како основа за формирање на вакви алијанси не ги исклучуваат можностите за агресија и напад преку што се нанесуваат неизмерни штети со бројни жртви. Поради страотните информации и слики како и видео прилози од ефектите на делувањето на овие алијанси децата во училиштата ги учат причините за формирање, но не толку и последиците од формирањето и со право е тоа така. Сакаме да ги заштитме децата од трауми. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги повикува учениците да се вклучат во пишувањето на есеи преку својот Фејсбук профил притоа непотенцирајќи дали да пишуваат за последиците или за причините за формирање, за позитивните ефекти или негативните или пак за статистиките на загинати деца во конфликтите во кои учествувала алијансата, се вели во реакцијата.
Натаму во долгата реакција се додава:
– Можеби се работи за тема која ќе ја разбуди емпатијата кај средношколците и би пишувале за децата чии родители загинале во воените конфликти и животот по загубата на родител, или пак за животот на родители по загубата на дете во еден таков воен конфликт од кој НАТО било дел. Во период на значааен технолошки развој и изолација на децата преку користење на напредна технологија и земја во која се загрозени многу основни човекови права, каде владее сиромаштија и има потреба од изнаоѓање на форми за решавање на сите овие основни прашања, зарем награди треба да се добиваат за глорификување на воена алијанса од која сеуште не сме ни дел, ја прашуваат Шеќеринска од Меѓаши.
Првата детска амбасада ги повикува и поттикнува учениците кои решиле да конкурираат на овој конкурс добро да се запознаат со НАТО алијансaта, со сите негативни импликации, да ги согледаат поготово последиците и да се обидат да ја почуствуваат болката и тагата од војната и да ги пресликаат тие чувства на есеите со кои ќе аплицираат.
– Со вклучувањето на децата во политички цели се повредени повеќе права од членовите од Уставот и Законот за заштита на децата и од Конвенција за правата на детето, се вели меѓу другото во реакцијата.