Наоми Осака е новата шампионска на Ју-Ес опен. Дваесетгодишната јапонска тенисерка во финалето беше подобра од најдобрата – Серена Вилијамс над која славеше со 6:2, 6:4 за прв гренд слем трофеј во кариерата.

„Знам дека сите навивавте за неа. Извинете што вака заврши. Ви благодарам што дојдовте. Мојата мајка направи многу жртви за мене и многу и значи што дојде да ме гледа. Татко ми шета наоколу, тој не ги гледа моите мечеви во живо. Мој сон беше да играм против Серена на Ју-Ес опен и пресречна сум што тоа се оствари“, рече Осака, првата Јапонка на трон на гренслем турнир.

Женското финале на последниот гренслем турнир во сезоната донесе имаше неочекуван тек. Изобилуваше со чудни работи што ги предизвика Серена Вилијамс која влезе во конфликт со главниот судија, го нарече „крадец“ за што доби казна со одземање на гем. Вербалната расправија донесе и прекин на финалето во кое настрада и еден од нејзините рекети.

„Ова е нејзин прв гренслем. Знам дека и вие сте во состојба во која сум и јас. Но, ајде да не протестираме повеќе туку да минеме низ ова. Честитки до Наоми. Благодарност до членовите на мојот тим кои беа фантастични во изминатите две недели, благодарност и до најдобрата публика во светот. Се надевам дека ќе бидам во можност повторно да заиграм овде. Тешко ми е, но сум благодарна на вас“, рече Серена по поразот во финалето и обраќањето кон публиката.

Нејзиното однесување не предизвика никакво нарушување кај Осака која ја задржи смиреноста и фокусот и покрај се што се случуваше на теренот и поен по поен си пробиваше пат до шампионскиот трофеј во Њујорк. Кога ги смири страстите и „олади“ глава, Серена Вилијамс призна дека Јапонката беше подобра тенисерка во финалето и заслужено го направи најголемиот успех во кариерата.

Во машкото финале (недела, 22 ч. по средноевропско време) ќе играат Новак Ѓоковиќ и Хуан Мартин дел Потро.

Ју-Ес опен (ж), финале

Осама (20., Јапонија) – С. Вилијамс (17., САД) 6:2, 6:4