Во изминативе денови во Словенија се регистрирани само 24 нови случаи на коронавирус од 1.023 тестирани лица, што е 2,3 проценти од позитивните резултати, објави Радио Слободна Европа.
Поради овој резултат, Владата на Словенија одлучи да не ја продолжи состојбата на епидемијата од денеска, 15 јуни, но уште некои епидемиолошки мерки ќе останат на сила.
Додека Словенија не влезе во „зелената фаза“ според критериумите на Европскиот центар за контрола на болести, што се очекува кон крајот на јуни или почетокот на јули, носењето маски во затворен простор и понатаму ќе биде задолжително. Ограничувањето на бројот на присутни во затворено, исто така, ќе остане на сила. Сè уште ќе бидат потребни посебни услови за присуство на концерти и други настани, како што се негативен тест за коронавирус или доказ за вакцинација.
Владата го повтори својот апел до сите кои сè уште не биле вакцинирани да го сторат тоа, затоа што сега има доволно вакцини.