Шефот на британската дипломатија, Дејвид Лами, денеска изјави дека неговата земја, заедно со САД, работат на обезбедувањето траен прекин на огнот меѓу Индија и Пакистан и дека моменталниот фокус е на „мерките за градење доверба“ и дијалог.

-Ќе продолжиме да соработуваме со САД за да обезбедиме траен прекин на огнот, дијалог и соработка со Пакистан и Индија за тоа како да се воспостави доверба и да се спроведат мерки за градење доверба меѓу двете страни, изјави Лами во пакистанскиот главен град Исламабад, на крајот на дводневната посета на оваа земја, пренесоа британските медиуми.

Запрашан за одлуката на Индија да го суспендира Договорот за вода на Инд, што би можел да го загрози водоснабдувањето на Пакистан, Лами ги повика сите страни да ги исполнат своите договорни обврски.

Двата нуклеарно вооружени јужноазиски долгогодишни ривали, Индија и Пакистан, на 10 мај се согласија на примирје, по најжестокиот конфликт во последните речиси три децении, што следеше по смртоносен напад врз туристи за кој Њу Делхи го обвинува Исламабад, а Пакистан негираше вмешаност.

Пакистан изјави дека Велика Британија и други земји, покрај САД, одиграле важна улога во деескалацијата на конфликтот.

Дипломатите и аналитичарите предупредуваат дека примирјето е сè уште кревко.