Нема скандал во последните месец дена од кој не излегува на виделина името на Артан Груби, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
-Тоа само покажува дека овој човек заедно со Ковачевски се на врвот на една мафија на власт која умислила дека може да прави што сака, која ги злоупотребува функциите, крши закони и работи исклучиво во своја корист. Јавното обвинителство доколку сака да ги забошоти сите скандали за Артан Груби, ќе треба да користи цел шкаф за криење на досиејата, а не само една фиока. Последниот скандал во низата, е информацијата дека братучедот на Артан Груби без дозвола и без соодветна документација почнал со изградба на хациенда од 160м2. Изградбата на оваа дивоградба е прекината од страна на општината Бутел и тоа го изнервирало Артан Груби, па почна со манипулации и лаги да подгрева етнички тензии. Но оваа карта веќе не му поминува кај граѓаните, а најмногу кај Албанците, кои видоа за каков лик станува збор, се вели во соопштението.
Натаму се додава:
– Додека Груби и неговите блиски се богатат граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Додека фамилијата Груби стекнува деловни простори и гради хациенди, обичниот граѓанин нема пари оградата на терасата да си ја бојадиса. Додека блиските на Груби стекнуваат хотели и добиваат лиценци за баждарење, стотици луѓе заминуваат во странство заради егзистенција. Додека Груби се радува на скандалозниот тендер од 22 милиони евра, половина милион луѓе живеат во сиромаштија. Ова мора да престане. Владата на Груби и Ковачевски мора да понесе одговорност за криминалите кои се прават, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.