Официјална Софија порачува дека почитување на правата на Бугарите во Република Македонија е предворјето за интеграција на земјава во Европската унија. Државниот врв во Скопје со децидна изјава дека процесот на пристапување во ЕУ не треба да биде условуван од билатерални прашања туку од успехот на домашните реформи за постигнување на европските стандарди. Скопје смета дека суштината на спорот со Софија нема ништо со процесот на евроинтеграција и европските вредности на кои тој се заснова, туку се бави со прашања коишто се целосно внатрешни, како што е правото на самоопределување на земјата.
Премиерот Зоран Заев на средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања Милтиадис Варвициотис, кој престојуваше во работна посета на земјава, потенцира дека за Македонија напредокот во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Во таа насока земјата, посочува тој, има постигнато огромен напредок во усогласувањето на домашната легислатива со онаа на ЕУ, како резултат на интензивниот процес на реформи и за европеизација на сите сегменти на општеството.
Заев и Варвициотис се согласиле дека од исклучителен заеднички интерес и стратешка цел на двете земји е Македонија колку што може поскоро да ги започне пристапните преговори со ЕУ, и дека Грција во таа насока ќе продолжи со силната поддршка.
Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на посетата на Шведска, вчера во Стокхолм на средба со шведската министерка за надворешни работи Ан Линде, изрази очекување дека ќе продолжи политиката на проширување на Европската Унија кон Западен Балкан, истакнувајќи дека случајот на Македонија е тест за кредибилноста на процесот.
Во тој контекст, претседателот Пендаровски потенцира дека очекува Шведска да вложи натамошни напори за задржување на прашањето на проширувањето на агендата на Унијата, како и да го поддржи ставот дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за интегративниот процес.
Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, претседателот и се заблагодари на министерката Линде за континуираната и конзистентна поддршка којашто ја добива нашата држава од Шведска во однос на европската интеграција.
Претседателот на Бугарија Румен Радев, пак, вчера повика на почитување на правата на Бугарите во Република Македонија и порача дека тоа е предворјето за нејзина интеграција во Европската унија.
-Не случајно го поставив токму ова прашање на Советот во Љубљана. Ова е предворјето на вратата за интеграција на РС Македонија во ЕУ- правата на Бугарите, недискриминација, како и нивна целосна интеграција во културниот, економскиот, општествениот и политичкиот живот на оваа земја. Исклучително е важна нашата поддршка за нивните барања да бидат признаени во Уставот на РС Македонија, и да бидат свечено прогласени од претседателот, владата и парламентот на РС Македонија, додаде Румен Радев.
Бугарија категорично ќе реагира, и повеќе нема да остави ниту еден таков случај, додаде Радев, според кого вистинскиот проблем е дебугаризацијата и дискриминацијата на луѓето со бугарски идентитет во Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев ја коментираше и темата за уништените бугарски воени гробишта во Македонија. Тој рече дека случајот го истражуваат бугарското Министерство за надворешни работи и Министерството за одбрана и истакна дека, според него, тоа претставува систематски процес на дебугаризација, процес на заживување на уништувањето на бугарското културно-историско наследство во Македонија.
Од Министерството за надворешни работи, пак, вчера излегоа со реакција со која ги отфрлија тврдењата за наводно оштетување спомен обележје на бугарски војници кај Кавадарци.
-Главниот споменик не потпаѓа под никаков режим на заштитен споменик или културно наследство, но и без тоа истиот се наоѓа во добра состојба, без оштетувања; околу споменикот постои земјоделско земјиште кое се обработува на начин што се заобиколува ова обележје; споменикот е надвор од предвидениот појас за изведба на трајните работи истиот не е засегнат од било какви извршени градежни работи и по извршениот увид на терен е констатирано дека е без видливи оштетувања, стои во извештајот на Управата за заштита на културно наследство – Министерството за култура, и Јавното претпријатие за државни патишта – Министерство за транспорт и врски на РС Македонија кои направија вонреден увид.
И екипа на Бугарската национална телевизија која вчера го посетила местото, јави дека двата споменика во близина на Кавадарци, се целосно недопрени.
БНТ емитуваше разговор со Ацо Темков, жител на Кавадарци, кој учествувал во реновирањето на еден од спомениците. Тој за БНТ изјави дека таму никогаш не видел воени гробишта.
Поранешниот директор на локалниот историски музеј, Петар Камчев, кој раководел со културната институција 37 години, исто така вели дека на местото имало само два споменика. И тој потврди за Бугарската национална телевизија дека немало гробишта. Камчев, исто така, рече дека во 2017 година, кога започна изградбата на автопатот, побарале дозвола да се помести споменикот на Пере Тошев. Се консултирале со тогашната организација на Бугарите и со нивна согласност споменикот бил поместен.