На 1 април в понеделник 337.000 пензионери ќе добијат за 5,3 отсто повисоки пензии, пресметано според новата методологија.

Според тоа на која група припаѓаат пензионерите, како што пишува Плусинфо, може да очекуваат зголемување од 600 денари за тие со најниски пензии до 3.000 денари за тие што примаат највисоки пензии.

Најниските се движат од 12.500 до 16.000 денари, а во таа група се 40 отсто од пензионерите во Македонија и тие ќе добијат повисока пензија од 662 до 850 денари.

Околу 93.000 пензионери кои земаат пензија од 20.000 до 32.000 денари, ќе добијат зголемување од 1.060 до 1.696 денари.

Пензионерите со пензии од 30.000 до 50.000 денари ќе добијат зголемување од 1.590 до 2.650 денари, а тие со највисоки пензии со над 54.000 денари ќе добијат и најголемо покачување во износ од околу 3.000 денари.

Новата методологија која стапи на сила во март 2022 година предвидува усогласување на пензиите со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата на сите вработени во Македонија и 50 отсто пораст на трошоци на живот, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

Усогласувањето се врши двапати во годината, во март и во септември.

Во текот на цела мината година пензионерите протестираа поради големите разлики што се создаваат меѓу најниската и највисоката пензија до новиот начин на усогласување на пензиите. Тие бараа зголемувањето да биде линерано за 5.000 денари, а минималната пензија да ја следи минималната плата.

Пензионерите од Штип и вчера излегоа на протест со истото барање – линеарно зголемување на пензиите за 5.000 денари, а минималната пензија да не е под минималната плата.