Два одделни првомајски протести денеска се одржаа во главниот град на Македонија.
Под мотото „Ќебап за работникот, бифтек за власта“ синдикалците од Конфедерацијата слободни синдикати одржаа протестен марш во Скопје.
Маршот го почнаа пред канцеларијата на КСС, а завршија пред Владата каде симболично запалија скара. Претставниците на КСС негодуваат на енормното покачување на платите на избраните и именуваните функционери од 78 отсто што го овозможи Уставниот суд.
-Имаме барања од Владата. Пет години ги имаме истите барања. Бараме почитување на законите, барање подобар животен стандард, бараме почитување на работникот и неговиот труд, бараме зголемување на платите согласно законот за минимална плата, бараме К-15 согласно стандардите, бараме спроведување на колективните договори, рече Зоран Антовски од КСС.
Синдикалците ниту оваа година не беа обедините, па одделен протест имаше и ССМ.
Работниците се лути на функционерите кои си добија покачување на платите за 78 отсто, а минималната плата ја зголемуваат за 2.000 денари.
Тие при говорот на Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, викаа „уа“ додека тој говореше за функционерските плати.
– Денес ќе им се обратиме на оние кои си покачија платите за 78 проценти, а нас не убедуваат дека 2.000 денари се доволни. Е па не може вака. Мора да добиеме и ние покачување за 78 отсто, исто како нив. Ќе им се случи народ бидејќи не се грижат за работниците, порача Димовски.
Протестниот марш по повод 1 Мај продолжува од пред седиштето на Сојузот на синдикати, пред Собранието, па пред Владата.