Украинците се подготвуваат да го прослават својот прв Божик според новиот календар.

Повеќето Украинци се православни христијани, а црквата во Украина се согласи да не го слави Божик според јулијанскиот календар, кој досега се празнуваше на 7 јануари.

Како што пренесуваат странските агенции, нападот на Москва во февруари 2022 година ја собра нацијата во одбрана и поттикна многу Украинци да го отфрлат рускиот јазик и култура и другите историски врски со Русија.

„Се што беше поврзано со Русија и сè што Русија правеше како нас, предизвика згрозеност кај луѓето“, вели Михаил Омелијан, православен свештеник во Киев.

Украина, исто така, го покажа својот интерес за пристапување во Европската унија, а многумина сметаат дека членството е клучна потврда за местото на Украина во Европа.

„Излегува дека Украинците ќе го слават Божик на 25 декември, како и другите Европејци“, рече Тетјана, 25-годишна верничка која додаде дека за првпат ќе го слави Божик на 25 декември.

Стоејќи пред киевскиот манастир Свети Михаил, таа посочи дека се чувствува „малку необично“, но дека тоа е „вистинската работа што треба да се направи“.

Фото: ЕПА