Армијата на Република Македонија за време на вонредната состојба во која се наоѓа државата ќе треба со своите единици да ги поддржи полициските сили и општините.

Оваа одлука е донесена на вчерашната владина седница.

На АРМ и се налага да се вклучи во обезбедување и надзор на граничната линија на државната граница со цел спречување на влез и излез на сите лица кои имаат намера да извршат нелегален премин, да врши контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање, како и да врши физичко обезбедување на витални објекти кои се обезбедувани од Министерството за внатрешни работи.

Согласно владината Уредба, Армијата треба да ангажира сили и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции со цел спречување на ширење на епидемијата и отстранување на последиците настанати од епидемијата за укажување помош заради спасување на луѓето и материјалните добра.

-Владата донесе Уредба со законска сила се утврдуваат задачите на Армијата на Република Северна Македонија за време на траењето на вонредната состојба. Целта е поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи и поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции за време на траењето на вонредната состојба, заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус, информира владината прес-служба.

Забрането движење на населението од 21 до 06 часот

Од денеска стапува во сила забраната за движење на граѓаните во ноќните часови. Се воведува полициски час што ќе трае од 21 до 06 часот секој ден. Целта на оваа ригорозна мерка, воспоставена прв пат во историјата на земјава со одлука на Владата, е максимална заштита на граѓаните од коноронавирусот.

Со полицискиот час нема да бидат опфатени припадниците на МВР, АРМ, противпожарните екипи и лицата од комунална хигиена кои моментно работат во смени, а за медицинските лица ќе бидат обезбедени специјални легитимации.

Полицискиот час нема да се однесува и на лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош, лицата кои се во животно-загрозувачка состојба и лицата кои одат на дијализа. Тие ќе може да бидат придружувани исклучиво од најмногу две лица. Ако поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска придружба, дополнително ќе се евидентира и провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравстевната инстуиција преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед.

 

За време на полицискиот час ќе се ограничи и бројот на дежурни аптеки во градовите. Во аптека ќе може да одат само лица кои имаат потврда дека претходно биле на лекарски преглед. Ќе се ограничи и бројот на такси возила. Тие ќе може да превезуваат патници само кон болнички установи или аптеки. Таксистите притоа, ќе мора да имаат заштитна опрема – маска и ракавици.

За време на полицискиот час ќе биде забрането движење и на возила од јавен превоз. Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби и Топлификација, пак, смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).

Директорите на јавните здравствени установи треба да изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење и ќе го дистрибуираат до МВР или друго надлежно Министерство со цел изготвување специјални пропусници и легитимации за рестриктивните часови. Така МВР ќе има комплетен увид за лицата кои се движат.

Одлуката за воведување полициски час ја соопшти синоќа премиерот Оливер Спасовски по седницата на Владата. Како што рече во вонредното обраќање, поради коронавирусот животот радикално се промени. Во оваа крајно загрижувачка ситуација потребно е секој од нас да се прилагоди и максимално одговорно да се однесува.

-Владата ја донесе оваа одлука врз основа на стручно мислење од Комисијата за заразни болести според сознанијата за корона вирусот. Всушност, се налага ваква мерка за да се спречи натамошно ширење на болеста. Веќе ништо не е исто. Животот радикално се промени. Тоа бара радикална промена и на нашето секојдневие. Потребно е секој од нас да се прилагоди на оваа крајно загрижувачка ситуација и максимално одговорно да се однесува. Секој граѓанин и субјект е повикан да биде дел од нашата заедничка битка. Ако сакаме да си ја заштитме нацијата, сите мора да се однесуваме одговорно. Се работи за опстанок на народот и економскиот систем. Затоа, сите да се кренеме на висината на задачата, порача Спасовски, потенцирајќи дека во историјата на нашата земја прв пат се воведува полициски час.

Владата на вчерашната седница одлучи и меѓуградскиот и јавниот превоз да ги ограничат капацитетите за превоз на патници за 50 отсто во возилата или со задолжително одржување растојание од најмалку два метра меѓу патниците.

Пред вонредното обраќање до јавноста, премиерот Спасовски и на својот фејсбук профил соопшти дека од утре се воведува полициски час.