Да се остане дома во затворен простор претставува голем предизвик, особено кога станува збор за децата, кои за време на овие пролетни и сончеви денови со нетрпение чекаат да излезат од своите соби.
Меѓутоа, наместо игри со другарчињата, трчање по трева и шетање во паркови, кои всушност по правило се пожелни за децата, сега ситуацијата со настанататата епидемија го бара токму спротивното. Децата, како и сите ние, мора да останат во своите домови. Ова пак, несомнено претставува голем предизвик за родителите.
Јана Ангеловска од Скопје, родител на петгодишно дете, вели дека нејзиното дете разбира оти нешто не е во ред, но останува дома. Дружењето со другарчињата го надоместуваат преку социјалните мрежи, каде и со учителката од градинка споделуваат разни активности како што се цртежи, песни…
– Кога мама работи дома или подготвува ручек, ако е тато дома, на пример за викенд, тие двајца се забавуваат. Играат криенка, брканица, фудбал, подавање топка, играат со пушки, пиштоли, возат колички… со мама останува читање приказни, вообичаено навечер, пред спиење. Цртаме, боиме, гледаме заедно цртани, играме карти, друштвени игри, се што е со животинско царство. Гледаме филмови, слушаме музика, играме, играме со супер хероите. Готвиме заедно, садиме цвеќе понекогаш, седиме на балкон, заедно уредувавме за Велигден, боевме јајца и ги украсувавме, вели Ангеловска за МИА.
Маја Симоновска родител, смета дека нејзините две деца можеби и чекаа ваков момент таа да биде дома цело време, за да си играат. Како што објаснува, секојдневно пронаоѓаат голем избор на игри и занимливости. Гледаат детски едукативни емисии на телевизијата МРТ, го илустрираат летото на море со песок во двор, играат кошарка.
-Со оглед на тоа дека дома играм во две различни екипи, едниот соиграч има неполни две, а другиот седум, игрите ни се различни. Среќа наша што живееме во куќа, имаме двор па некако целата ситуација е порелаксирана. Кога сме надвор играме сите заедно. Кошарка, фудбал, донесовме и песок во двор, за да го илустрираме летото на море, со целата комплетна механизација околу тоа. Играме криенка, игри од детството на мама и тато и времето поминува побрзо. Кога сме внатре во домот е поинаку. Во слободно време играме игри нелути се човече, монопол, карти. Со ќерката читаме приказни што понекогаш и бато ги слуша, пееме песнички, учиме нови зборови, вели Симоновска за МИА.
Децата разбираат дека нешто не е во ред, Ковид-19 е „чудовиште“, „лоша бубачка“
Ангеловска вели дека континурано разговара со детето за да му ја објасни ситуацијата со настанатиот вирус, но детето, како што појаснува, смета дека се работи за некои чудовишта, лоши бубачки.
-Да, разговараме со детето, се обидуваме да му објасниме за ситуацијата. Смета дека се работи за некои чудовишта, лоши бубачки. Мислам дека разбира дека нешто не е во ред. Но, се трудиме да внимаваме да не влијае целата ситуација на него. Не гледаме многу вести пред него. И обрнуваме поголемо внимание на хигиена, објаснува мајката.
Симоновска додава дека на нејзиното седумогодишно дете комплетно му е објаснета ситуацијата и реално се држи до тоа што треба да го прави, без комуникации, социјална дистанца и разговор преку тераса. Малку потешко, додава таа, тоа го разбира ќерката која има две години.
За разлика од повеќето, Ангеловска смета дека за нејзиното дете не е проблем тоа што останува дома. Кога имаат потреба за прошетка на чист воздух, ги почитуваат прекораките од Министерството за здравство, избегнуваат метежи, носат маска.
-Мислам дека немаме проблем со тоа што сме дома. Такво дете имам што си ужива да биде дома со мама и тато, со играчките. Ако ни недостигаат најблиските се слушаме, гледаме, тука се социјалите мрежи. На почетокот се шетавме во населбата, но кратко. Главно на сонце и ги почитувавме препораките од Министертсвото. Внимавав да бидеме сами да не бидеме во група со луѓе. Сега кога излегуваме во природа, на сонце и чист воздух, и тој носи маска. Сметам дека ние родителите во Скопје, повеќе ги почитуваме препораките, вели Ангеловска.
Психологот Маријана Марковиќ за МИА вели дека родителот треба да стане свесен за сопствените емоции и и мисли пред воопшто да почне да дава одговори на детските прашања поврзани со коронавирусот. Доколку родителот, подвлекува Марковиќ, не успее да воспостави рамнотежа, баланс во самиот себе преку разбирање на ситуацијата и справувањето со сопствените емоции, нема да биде во можност да ги прими и соодветно на детето да му ги пренесе достапните информациите.
-Низата на мерки кои Владата ги презема за справување со пандемијата предизвикана од коронавирусот предизвика промени во секојдневната динамика на живеењето кај граѓаните. Училиштата, работните места, градинките, продавниците се преселија во домовите. Целокупната динамика од надворешното живеење се собра во домовите каде е прилично тесно за сите активности. Промената на општествената динамика свој одраз најде и во семејната динамика. Како родителите така и децата се ставија во ситуација да практикуваат поинакви од вообичаените навики на организирање на дневните активности, истакна Марковиќ.
Родителите, според психологот, се најдоа затекнати од новата ситуација, а ставени се во позиција да им објаснат на децата што се случува.
Децата не мора да знаат се за вирусот, само основни информации доловени преку цртежи, боенки..
Првиот чекор, објаснува психологот Марковиќ, пред воопшто родителот да даде одговор на детските прашања е да стане свесен за соствените емоции и мисли. Ова е особено важно, вели таа, бидејќи децата го восприемаат светот преку емоциите кои родителите ги имаат кон настаните кои што се случуваат.
Според Марковиќ, пожелно е родителот да провери како детето се чувствува, што детето знае за болеста, како се шири, манифестира и како може да се заштити себе и другите. Тоа може да го направи со поставување на едноставни прашања преку кои ќе дознае колку и што знае детето, но и од каде се информирало.
Објаснувањето на новонастанатата ситуација ќе зависи од возраста на детето. На помалите деца, психологот појаснува дека е потребно да им се даваат едноставни објаснувања преку игра и преку употреба на илустративен материјал (сликовници, цртежи, приказни).
За повозрасните деца пак, потенцира таа, пожелно е да се дадат основните информации и да не се даваат премногу детали кои би можеле да го збунат и да го вознемират детето.
-Децата се особено осетливи на разговорите кои ги водат возрасните, па така возрасните треба да обрнат внимание што зборуваат во присуство на децата. Доколку се случи детето да постави прашање за кое родителот нема одговор, најдобро ќе биде родителот да биде искрен и заеднички да побараат одговор на прашањето, објаснува психологот.
Да се воведе ред при извршување дневни активности
Марковиќ објаснува дека родителот, бидејќи сега има повеќе слободно време за детето, пожелно е да го запази редот при извршувањето на дневните активности во домот, но и да воспостави ред во станување, заспивање, како и кога појадува, руча и вечера.
-Квалитетно поминато време во вакви околности е вистински предизвик. Пожелно е да се запази ред во извршување на дневните активности. Родителите и децата сега имаат време за голем број активности за кои во вообичаеното секојдневие најчесто немаат време, вели таа.
Според Марковиќ, поготвувањето на храната може да биде една од заедничките активности. Исто така, и играњето на колективни игри, цртањето, изработка на предмети, заедничко пишување на измислени приказни, па дури и куклен театар можат да бидат дел од дневните активности.
-Овој период може да се употреби за средување на книгите, тетратките, училишниот прибор и облеката за што скоро никогаш не останува време. Може да се практикуваат и вежби кои се за растегнување на мускулатурата, би било интересно доколку детето го учи родителот какви вежби учат на часовите по физичко.
Сепак, со оглед на фактот дека живееме во време на технологија, кога децата најголемиот дел од слободното време го трошат пред екраните на лаптоп, мобилен телефон или со часови гледаат телевизија, често знаат да покажат оптор на овие колективни игри, цртање…
Употребата на новата технологија е неминовност, а како што подвлекува Марковиќ, секако е корисна, но само кога се употребува во разумни временски интервали.
-Седењето пред малите екрани, во овие услови поради ограниченото излегување надвор е интензивирано. Дополнително на тоа и наставата се одвива онлајн. Во вакви услови на родителите им е потешко да воспостават ред во однос на времето кое детето го поминува на интернет или на играње видео игри. Но, не е пожелно кога ќе добие облик на проблематична употреба што подразбира долго останување на интернет (или играње на игри), проследено со вознемиреност кога нема да се биде на интернет (компјутер или мобилен), нарушување на спиењето и изостанување на оброците.
Психологот објаснува дека е добро новата технологија родителите да ја користат за заеднички со своите деца да почнат со учење на нов странски јазик онлајн, да следат што се случува со животните во скопската зоолошка, а исто така сега имаат можност и да следат културни настани, како што се разни театарски претстави, фестивали, концерти.
-Во околности кога постои ограничено излегување од домот, родителите имаат можност да поминуваат повеќе време со своите деца, нешто што најчесто им било потешко кога брзале да стигнат на работа, па да ги завршат сите домашни обврски па да ги носат и враќаат децата од различни курсеви. Затоа е добро заеднички да учат нов странски јазик онлајн, имаат можност да следат што се случува со животните во скопската ЗОО, да се следат културни настани. Да се направи селекција на филмови кои заеднички ќе се гледаат и потоа ќе се разговара за нив, додава Марковиќ.
Бисера Трајковска за МИА