Прорускиот лидер во украинската област Доњецк, што е под контрола на Москва, изјави дека руските сили контролираат повеќе од 75 отсто од опколениот град Бахмут.

Битката кај Бахмут е една од најкрвавите во 13-месечната војна.

Регионалниот шеф на Доњецк, назначен од Москва, Денис Пушилин, на каналот Телеграм постави снимки на кои се гледа дека го посетил овој мал рударски град во кој се водат жестоките битки.

Пушилин се гледа меѓу урнатини, а на себе има заштитен елек, додека во заднината се слушаат експлозии.

Британските медиуми не се во можност да дадат независна потврда за локацијата или датумот на видеото.

-Со апсолутна сигурност можам да кажам дека повеќе од 75 отсто од градот е под контрола на нашите единици, изјави по посетата Пушилин за државниот ТВ канал „Росија-24“, иако предупреди дека е премногу рано да се зборува за падот на Бахмут.

Русија смета дека заземањето на Бахмут ќе ја отвори можноста за идни офанзиви низ Украина, додека Киев и Западот велат дека уништениот град има само симболично значење.

На видео од неидентификувана подземна локација, Пушилин им дава одликувања на борците на платеничката војска „Вагнер“, која го предводи нападот врз Бахмут.

Командантот на копнените сили на Украина, Олександр Сирски, претходно вчера изјави дека Русите во Бахмут почнале да ја користат тактиката на „испржена земја“, што ја користеле во Сирија, и дека притоа се уништуваат згради и позиции со воздушни напади и артилерија, додавајаќи дека украинската одбрана на градот Бахмут продолжува.

-Ситуацијата е тешка, но може да се контролира, изјави тој, цитира, од украинскиот воен медиумски центар.