Рускиот и францускиот претседател, Владимир Путин и Емануел Макрон, синоќа по втор пат во последните четири дена разговараа телефонски за украинската криза, соопштија од Москва и Париз.
-Продолжи размената на мислења за ситуацијата околу Украина и прашањата поврзани со обезбедувањето долгорочни и законски засновани безбедносни гаранции за Русија, се наведува во соопштението на руското претседателство.
Според Кремљ, Путин уште еднаш детално ги претставил принципиелните пристапи кон овие проблеми.
Двајцата лидери, кои веќе разговараа во петокот, додаваат оттаму, синоќа се договориле да ги продолжат контактите по телефон, но и да ја проучат можноста за лична средба.
Француското претседателство соопшти дека овој разговор бил воден во правец за деескалација на состојбата и дека тој следел по разговорот на Макрон со неговиот руски и украински колега во петокот, на 28 јануари.
Според Елисејската палата, двајцата претседатели го поздравиле позитивните исчекори во работата на Нормандискиот формат, во кој Русија, Германија и Франција преговараат за решавање на конфликтот во источна Украина.
Од крајот на 2021 година, Москва е обвинета дека акумулирала околу 100.000 војници на украинската граница и дека има намера да ја нападне оваа земја. САД и Велика Британија вчера и официјално се заканија со нови санкции против Москва, доколку навистина се реши на ваков чекор.
Русија негира дека планира напад врз Украина, но бара писмени гаранции за нејзината безбедност, во што е вклучено и одбивањето на членството на Украина во НАТО и завршувањето со военото зајакнување на Алијансата во Источна Европа.
САД, меѓутоа, го одбија ова клучно руско барање во нивниот писмен одговор до Москва, а Кремљ изјави дека ја разгледува нивната реакција.