Рускиот претседател Владимир Путин најави воена операција во Украина, тврдејќи дека има за цел да ги заштити цивилите.

Во телевизиско обраќање, Путин рече дека акцијата доаѓа како одговор на заканите кои доаѓаат од Украина. Тој додаде дека Русија нема цел да ја окупира Украина. Путин тврди дека одговорноста за крвопролевањето е на украинскиот „режим“.

Путин ги предупреди другите земји дека секој обид за мешање во руската акција ќе доведе до „последици кои досега не се видени“.

Тој ги обвини САД и нивните сојузници дека го игнорираат барањето на Русија да ја спречи Украина да влезе во НАТО и да и понуди на Москва безбедносни гаранции.

Тој рече дека руската воена операција има за цел да обезбеди „демилитаризација“ на Украина. Путин истакна дека сите украински војници кои ќе го положат оружјето ќе можат безбедно да ја напуштат зоната на борба.

Путин додава дека судирите меѓу украинските и руските сили се „неизбежни“ и оти тоа е „само прашање на време“, пренесува Би-Би-Си.

Само неколку минути претходно, потсекретарот на ОН предупреди дека воената ескалација ќе доведе до „неприфатливо висока цена, човечко страдање и уништување“.

Во тек е итна седница на Советот за безбедност.

Би-Би-Си: Се слушаат експлозии во Киев и во други делови на Украина

Дописникот на Би-Би-Си во Киев штотуку објави дека слушнал пет до шест „далечни експлозии“ во Киев, и вели дека има извештаи за експлозии на други места во земјата.

Локалните медиуми јавуваат дека пукотници се слушнале во близина на главниот аеродром Бориспил во Киев.

Експлозии можат да се слушнат за време на јавувањето во живо на репортерот на Си-Ен-Ен од Киев.

Според Ројтерс, експлозија се слушнала и во Русија, во близина на украинската граница.

Зеленски потврди: Русија изврши ракетни напади во Украина и побара прогласување воена состојба

Украинскиот претседател Володомир Зеленски ги потврди дека Русија извршила ракетни напади, јави Би-Би-Си.

Претходно медиумите соопштија за голем број експлозии во Украина, за кои се претпоставуваше дека се напади од руската војска.

Зеленски истакна дека Русија извршила ракетни напади врз инфраструктурата на Украина и врз граничарите.

Тој, исто така,  го повика својот Совет за национална безбедност и одбрана да прогласи воена состојба. Се очекува Советот да одржи итен состанок на кој ќе се реши ова прашање

Во тек е телефонски разговор со американскиот претседател Џо Бајден.

Советникот на министерот за внатрешни работи на Украина, Антон Герашченко, им изјави за новинарите на официјалната WhatsApp група дека руските војници се истовариле во градот Одеса и ја преминуваат границата кон градот Харков. Герашченко додаде дека имало ракетни напади на аеродромот Василковски во близина на Киев.

Тој исто така рече дека градоначалникот на Днепропетровск Борис Филатов му се јавил да каже дека слушна експлозии.

Амбасадорот на Украина во Обединетите нации, Сергиј Кислица, на итниот состанок на Советот за безбедност предупреди дека е предоцна за деескалација.

„Доцна е, драги колеги, да се зборува за деескалација. Рускиот претседател објави војна“, рече тој.

Русија вели дека цел на нападите во Украина е воена инфраструктура

Руското Министерство за одбрана негираше дека ги нападнале украинските градови – велејќи дека целта на нападите е воената инфраструктура, воздушната одбрана и воздушните сили е со „високопрецизно оружје“, соопшти државната агенција РИА, пренесува Би-Би-Си.

Радев свика итен состанок поради руската инвазија врз Украина

Започна вонредна средба со претседателот на Бугарија Румен Радев поради руската инвазија врз Украина.

Во зградата на Претседателството веќе се премиерот на Бугарија Кирил Петков, министрите за надворешни работи, за внатрешни работи, за одбрана и за транспорт Теодора Генчовска, Бојко Рашков, Стефан Јанев и Николај Шабев, како и шефовите на специјалните служби. Во Министерството за надворешни работи рано изутрина почна со работа Кризен центар, јави дописникот на МИА од Софија.

Мицотакис свика вонреден состанок на владиниот совет за национална безбедност, Дендиас се враќа од Африка

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за утрово закажа вонреден состанок на владиниот совет за национална безбедност, а министерот за надворешни работи Никос Дендиас ја прекина посетата на Африка и се враќа во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.Од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека на состанокот во премиерската палата ќе присуствува и министерот за животна средина и енергија Костас Скрекас.Дендиас пак, денеска требаше да го посети Зелениот ‘рт, меѓутоа, според грчкото МНР, поради ситуацијата во Украина, вонредно се враќа во Грција.