Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Шји Џјинпинг, ќе се сретнат во октомври во Пекинг кога ќе имаат детаљни билатерални разговори во рамките на учеството на меѓународниот форум „Појас и пат“, изјави денеска секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев.

На средбата со кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, во Москва, Патрушев рече дека Русија и Кина имаат еднакви или блиски ставови за фундаменталните прашања на современиот светски поредок и клучните меѓународни проблеми, пренесува „РИА новости“.

„Зборуваме и за фундаменталниот принцип на еднаква и неделива безбедност“, изјави Патрушев и посочи дека Москва го поддржува Пекинг за прашањата на Тајван, Ксинџијанг, Тибет и Хонг Конг.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, минатата недела изјави дека е можно Путин да се сретне со Џјинпинг пред крајот на годината.

Лидерите на Русија и Кина последен пат се сретнаа во Москва во март.

Тоа беше прва посета на Шји во странство по реизборот за претседател.