Рускиот претседател Владимир Путин не ја отфрла можноста за неколку години и земјите од Источна Европа да почнат да размислуваат за напуштање на Европската унија.

Тој вели дека несогласувања во ЕУ се појавиле поради начинот на распределување на даноците, бидејќи голем дел од парите на напредните европските земји одат за „поддршка на оние кои сè уште не достигнале одредено ниво на економски развој, а тоа се брои во десетици милијарди евра“.

„Некаде кон крајот на 2028 година, некои источноевропски земји ќе достигнат такво ниво на економски развој, кога веќе нема да добиваат грантови и разни видови поддршка од европскиот буџет, а ќе мораат да платат исто како и Велика Британија. Не сум сигурен дека и нив нема да им падне на памет истото што и на Велика Британија денес (брегзит)“, истакна Путин.

Тој рече дека Русија е заинтересирана за зачувување на ЕУ затоа што сака да има работа со партнери кои ги познава.

„Со загриженост, го следиме она што се случува таму, бидејќи значителен дел од нашите девизни резерви се во евра. И покрај падот на трговскиот промет по разните одлуки за санкции, Европската унија за нас останува најголем трговски и економски партнер и ефикасно функционира“, истакна Путин.

Тој додаде дека во Русија анализираат сè што се случува со ЕУ.

„Не знам дали ќе биде можно да се зачува ЕУ во сегашна форма, но знам дека европските лидери се исто така свесни за тоа, размислуваат за тоа и имаат различни сценарија за тоа како да се консолидираат државите членки на ЕУ и да се постигнат поодржливи форми на интеграција. Дали ќе успеат или не – не знам, но во секој случај, им посакувам успех “, заклучи Путин.