Ситуацијата на светскиот пазар на храна ќе биде предизвикувачка поради погрешните постапки на Западот, предупреди денеска рускиот претседател Владимир Путин на седница на руската влада.
– Поради околности од објективен и субјективен карактер, ситуацијата на светските пазари на храна ќе биде тензична. Ова е резултат на погрешните постапки на некои од нашите (западни) партнери, пред се во сферата на енергетиката и макроекономската политика, бидејќи сè друго произлегува од тоа, рече Путин, пренесува ТАСС.
Тој, исто така, предупреди дека континуираната употреба на санкции против Русија може да доведе до катастрофални поскапувања на енергетските пазари, при што значително повисоките цени на енергијата ќе ги погодат домаќинствата низ Европа.
– Да, знаеме дека Европејците се обидуваат да ги заменат руските енергетски ресурси. Проценуваме дека резултатот од овие активности ќе биде зголемување на цената на гасот на самото место и зголемување на цената на енергијата за крајните потрошувачи, рече Путин на средба со високи државни функционери што ја пренесува телевизијата, пренесува Ројтерс.
Рускиот лидер додаде дека сето ова уште еднаш покажува дека санкциите против Русија предизвикуваат многу поголема штета на оние земји кои ги воведуваат.
– Понатамошната употреба на санкции може да доведе до уште потешки, без претерување, дури и катастрофални последици на глобалниот енергетски пазар, оцени Путин.
Во исто време, руската новинска агенција наведува дека Путин објавил дека производството на нафта во Русија е зголемено од почетокот на годината, додека производството на гас е благо намалено.
– Производството на нафта, вклучително и гасниот кондензат достигна 10,7 милиони барели дневно во јуни, што е за половина милион барели повеќе отколку во мај. Севкупно, од година до денес, производството на нафта се зголеми за 3,5 отсто на годишно ниво, а производството на гас се намали малку, за 2,0 отсто, во првите пет месеци, прецизира Путин.