Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Украина на крајот ќе ги изгуби своите западни територии, нагласувајќи оти левиот брег на реката Дњепар историски секогаш бил дел од Русија.
– Сигурен сум дека Украина порано или подоцна ќе ги изгуби овие западни територии. Она што им припаѓаше на Полска, Унгарија и Романија, порано или подоцна – можеби не утре, задутре, за една година, две, 10 или 15 – историски ќе се врати на своето место, рече Путин, во обраќањето до припадниците на руската морнарица.
Овие територии, како што посочи, Јосиф Сталин не и ги подарил на Украина, туку и ги остапил „во рамките на заедничката држава“.
Путин кажа дека Русија била единствен гарант на територијален интегритет на Украина.
– Постоеше само еден гарант на територијалниот интегритет на Украина – а тоа беше Русија. Но, тие сметаа дека е потребно, можно и корисно да ја прогласат Русија за непријател, а Русите во Украина за неконститутивен народ, што е целосна бесмислица и глупост, рече рускиот претседател.
Тој смета дека „Украина отсекогаш била историски поделена на лев брег и десен брег – а левиот брег отсекогаш се сметал не само за ориентиран кон Русија, туку и за дел од Русија“. Посочи дека Ленин не и го дал Донбас на Русија, туку на Украина, и дека Русија сега „мора сè да врати во нормални историски рамки“.
Тој ги повтори тврдењата дека „нема агресија од руска страна“ и дека Русија била „принудена да започне специјална воена операција за да ги запре непријателствата што веќе ги започнаа Западот и режимот во Киев“.
Уверен е дека војната ќе заврши со пораз на „непријателот“ и победа на Русија.




