Рускиот претседател Владимир Путин го осуди уривањето на браната Каховка во јужна Украина како варварски чин од страна на Киев, за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Варварскиот чин чија цел беше уништување на хидроцентралата Каховка во регионот Херсон доведе до голема еколошка и хуманитарна катастрофа“, рече Путин, според соопштението на Кремљ.

Секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев изјави дека САД, Велика Британија и нивните сојузници во НАТО мора да сносат одговорност за уништувањето на браната Каховка, пренесе агенцијата ТАСС.

Тој рече дека земјите ги координираат активностите на Украина и затоа дале согласност за бомбардирањето.

Браната пукна вчера, испуштајќи порои вода кои поплавија големи делови од јужниот дел на украинската област Херсон. И Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уништувањето.