Рускиот претседател Владимир Путин и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад разговараа за натамошниот развој на соработката меѓу двете земји и ситуацијата во Појасот Газа.
Бин Салман ја пофали соработката меѓу Русија и Саудиска Арабија која помогна, како што наведе, „да се отстранат тензиите на Блискиот Исток“, објави саудиската државна новинска агенција.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Путин и саудискиот престолонаследник разговарале и за израелско-палестинскиот конфликт и други чувствителни прашања на меѓународно ниво.
Песков изјави за новинарите дека се уште не се зборува за заеднички мировни иницијативи меѓу Русија и Саудиска Арабија, пренесе руската државна новинска агенција. „Сега дипломатите на двете земји ја разгледуваат можноста за постигнување заеднички документ, но тоа се однесува на билатералните односи во целина“, посочи Песков.
Тој рече дека Путин и Бин Салман разговарале и за соработка во рамките на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) со цел да се одржи меѓународниот енергетски пазар на соодветно, стабилно ниво. Зборувајќи за евентуалната посета на Бин Салман на Русија, Песков рече дека тоа ќе се работи по дипломатски канали и дека засега нема конкретни информации.
Тоа е прва средба меѓу рускиот претседател и престолонаследникот на Саудиска Арабија оваа година.
фото:ЕПА