Бугарскиот претседател Румен Радев го повика лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, да се кандидира за шеф на државата, јави дописникот на МИА од Софија.
-Kрајно време е Борисов да не ја користи својата партија како штит и да ја одбрани нејзината чест со кандидирање за претседател, смета претседателот Радев.
Апелот до поранешниот бугарски премиер Борисов го упати за време на отворањето на новата академска година на Универзитетот за рударство и геологија.
Од денеска, иницијативните комисии, кои ќе номинираат независни кандидати за претседател и потпретседател на изборите на 14 ноември, можат да аплицираат за да се регистрираат во Централната изборна комисија на Бугарија. Крајниот рок за доставување документи е 4 октомври.
Според Уставот на Бугарија, право да биде избран за претседател и потпретседател има секој бугарски државјанин кој нема друго државјанство, на денот на изборите – 14 ноември, да има полни 40 години, да не е ставен под старателство, нема забрана, не издржува затворска казна и живее во земјата во последните пет години.
Секој претседател и потпретседател на Бугарија може да има два последователни мандата.