Претседателот на Бугарија Румен Радев бара „Бугарите во Македонија“ да не се нарекуваат малцинство, а премиерот Кирил Петков го намали потенциометарот на оптимизмот за бугарско „да во ЕУ“ за Македонија и рече дека ќе го почитува ставот на коалиционите партнери во неговата влада.
Очекувам бугарската Владата строго да се придржува до Декларацијата на Националното собрание на Бугарија, консензусот постигнат на Консултативниот совет за национална безбедност и на волјата на Бугарите за решавање на отворените прашања со Скопје пред почетокот на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија, изјави денеска бугарскиот претседателот Румен Радев.
– Ставот на Бугарија за евроинтеграцијата на РСМ се базира на резултати, а не на рокови и услови наметнати од странство. Секое отстапување на Владата од бугарскиот национален интерес ќе предизвика нова владина криза, нагласи Радев при промоцијата на иницијативата „Да засадиме дрво, да ја оживееме бугарската шума“,
Според Радев, советниците на бугарскиот премиер Кирил Петков никогаш не треба да ги оквалификуваат „македонските Бугари како малцинство“, бидејќи тоа може да го уништи целиот процес на европската интеграција на Македонија.
– Ставот на Бугарија за европската интеграција за Македонија се заснова на принципи и резултати, а не на рокови. Секое отстапување на власта од бугарскиот национален интерес ќе предизвика колапс, изјави Радев.
По „оптимизмот“ откако дојде на власт, премиерот Кирил Петков „попушти“ и пред два дена рече дека нема „да“ за датум за Македонија, откако од партиите ИТН и БСП го повикаа да не носи никакви одлуки без консултација со коалиционите партнери.
– Не е одреден рок од Европа за Бугарија, во кој нашата земја мора да го укине ветото за почеток на преговорите меѓу С.Македонија и Европската Унија. Дополнително, Европската унија е подготвена да го направи гаранцијата за правата на малцинствата, а особено на бугарското, експлицитен услов на европскиот пат на нашиот југозападен сосед, рече Петков.
Веројатно мислејќи на ова второто, претседателот Радев ги повика „советниците за надворешна политика на премиерот да не ги квалификуваат „македонските Бугари како малцинство“.
– Ова може да го крене во воздух целиот процес. Тоа не е во согласност со историјата, рече Радев.