Бугарскиот претседател Румен Радев вчера во Тирана имал средба со „претставници на бугарското национално малцинство во Албанија“, јавуваат медиуми.
Тој им изјавил дека Бугарија работи активно, вклучително и на највисоко политичко ниво со властите во Република Албанија, за решавање на проблемите на бугарското национално малцинство во земјата.
Радев е во Тирана каде денеска се одржува Самитот Европска Унија-Западен Балкан.
Радев истакна дека „како резултат на конструктивниот дијалог со Албанија во 2017 година, земјата го призна бугарското национално малцинство и го вклучи во своето национално законодавство, за Бугарите во земјата да можат слободно да ги остварат своите права, да ја зачуваат својата национална култура, јазик и идентитет“, пренесе Њуз бг.
Приоритет е развојот на односите со бугарските заедници во странство, а ова прашање е во фокус на различни програми на МНР, Министерството за образование и култура, но треба да се направи уште многу рекол Радев.
Во Албанија се врши засилена пропаганда за бугаризација на Македонците кај кои Бугарија открива „бугарско национално малцинство“ за што имаше повеќе реакции од Македонците, нивните асоцијации и партијата на Македонците во Албанија.