Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со РС Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка. Очекуваме С. Македонија да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската Унија, изјави денеска претседателот на Бугарија Румен Радев пред средбата со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е во официјална посета на Бугарија.
Според Радев, Владата на Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика.
-Владата на РС Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика. Потребно е да се вратиме во реалноста, Нашите односи ќе зависат од склучените договори, изјави Радев.
Тој потенцира дека ангажманот на раководството на Македонија во врска со Коридорот 8 ќе биде јасен индикатор за вистинските европски амбиции на Македонија и за поголема поврзаност во регионот.
-Очекувам дека изразената желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Сиљановска Давкова ќе остане како доследна политика на владата на С. Македонија. Ние строго ќе го следиме протоколот. Време е и за мојата официјална посета на РС Македонија, посочи Радев.
На прашање дали веќе има таква покана, Радев одговори дека во врска со ова прашање ќе се разговара со претседателката Сиљановска-Давкова.
Фото: БТА