Радиостаници во Австралија и Нов Зеланд одлучија да не пуштаат песни на Мајкл Џексон поради новите обвиненија за сексуална злоупотреба на деца на неговиот имот „Недојдија“.

Во неделата, Ејч-би-оу премиерно го прикажа документарниот филм „Напуштајќи ја Недојдија“, кој повторно го покрена прашањето за односот на Џексон со децата.

Нова ентертејнмент во Сиднеј е последната од радиостаниците што објавија дека нема повеќе да пуштаат песни на „кралот на поп музиката”, како одговор на реакциите на јавното мнение и поради документарецот во кој двајца мажи го обвинуваат Џексон дека ги силувал кога биле деца на седум и 10-годишна возраст.

– Со оглед на новите случувања, и Смут ФМ отсега нема да емитува песни на Мајкл Џексон, соопшти претходно директорот на друго локално радио, Пол Џексон.

Во Нов Зеланд тој тренд го следат и Медија Ворк и НЗМЕ – и двете компании доминираат на пазарот на приватни радија.