Во тепачка што се случила вчера пред Полициската станица во Радовиш, еден од учесниците при турканицата која настанала, одзел пиштол од полицаец кој сакал да го спречи насилството и се заканил дека ќе го употреби. Пиштолот веднаш му бил одземен од полицискиот службеник.
Откако вчера околу 17:50 часот пред влезот на станицата настанала тепачка помеѓу радовишаните В.Т. и Б.Ѓ., дежурниот полициски службеник се обидел да ги спречи. Во пресметката се вклучиле и лицата Г.З и Т.С., исто така од Радовиш.
Полицискиот службеник издал наредба да престанат, но тие не го послушале. Во турканицата, В.Т. успеал да го земе службениот пиштол на полицискиот службеник и да се закани дека ќе го употреби, но полицискиот службеник успеал да му го земе, информира денеска МВР.
Учесниците во пресметката се приведени и по целосно расчистување на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.