Само во текот на изминатата недела во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари биле запленети 10- 15 мобилни телефони, открива директорот Есад Рахиќ, во неделното интервју за Радио Слободна Европа.

Тој вели дека е многу тешко да се контролира нешто „што е ендемско“.

– Има, како и секаде, една одредена мала група корумпирани луѓе коишто работат тука и коишто на разни начини се снаоѓаат и успеваат да „бутнат“ по некој телефон. Ние вршиме редовни контроли, одземаме дел од тие телефонски апарати и тие кај коишто се наоѓаат се санкционираат. Во моментов се води постапка против еден затворски чувар. Има дадено изјава од притворено лице, каде што тој земал пари, а не испорачал телефон и не ги вратил парите и ние ги информиравме надлежните органи за тоа лице за да биде санкционирано. Тоа е обид на оваа управа, за нешто што лично сметам дека е аномалија, ќе се обидеме да ја исправиме, вели Рахиќ.

Тој открива дека цената на мобилните телефони кои нелегално се шверцуваат за притворените лица варира.

– Зависи од корисникот на телефонот, колку му треба, кој е корисникот и каков телефон, 200 евра, па и повеќе или помалку, додава Рахиќ.